Шеснаесетгодишно дете заразено од овчи сипаници во лоша состојба донесено на Детска клиника, постои ли можност од зараза на другите деца?

by Fokus

Шеснаесетгодишно дете, кое било заразено со варичела – овчи сипаници вчера било хоспитализирано на скопската Клиника за детски болести, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, станува збор за дете кое е примено на интензивна нега, каде и било интубирано, а денес во текот на денот е префрлено на Одделот за пулмо на истата клиника. Поточно, дури денес е изолирано на трети спрат.

Нашите извори уште додаваат дека детето е во лоша здравствена состојба, а според резултатите е високо инфективно, односно во моментот има највисок степен на зараза.

„Фокус“ располага и со документите и со фотографија од детето, кои одлучивме да не ги споделуваме со јавноста, со оглед на тешката состојба во која се наоѓа.

Но, тоа што е најстрашно во целата приказна е што детето вчера кога било примено веднаш било однесено на Интензивна, каде што било во контакт со сите бебиња и деца, кои лежат таму, а се најкритични и најтешко болни, со што се ставаат во опасност да им биде пренесена заразата, а на тој начин и животот им е во ризик.

Освен децата, во опасност од зараза е цел персонал, кој се движи низ сите одделенија и со самото тоа, опасноста од зараза е сериозна и за сите хоспитализирани деца во моментот.

Оттука, се поставуваат прашањата дали постои можност од епидемија од овчи сипаници на Детската клиника во Скопје? Дали постојаните протоколи се почитуваат, дали овие деца се изолираат и како е заштитен персоналот, кој работи со нив, со оглед на тоа што станува збор за една од најзаразните болести.

ШТО СЕ ОВЧИ СИПАНИЦИ И КАКО СЕ ПРЕНЕСУВААТ?

Варичелата или позната како овчи сипаници е една од најчестите детски болести. Најчесто се јавува од 2 до 8-годишна возраст, а поретко и подоцна. Често се пренесува во детските институции, градинки, училишта детски одделенија во болниците.

За разлика од морбилите, варичела можат да добијат и доенчињата, ако мајката била болна од оваа болест.

Болеста се пренесува преку орален- капков пат или со контакт преку кожа со болниот. Инкубацијата е од 10 до 20 дена.

Болниот од варичела треба да биде изолиран во посебна просторија, за да ги заштити другите кои се во негова близина, а не ја прележале заразата.

„Фокус“ за ова се обрати и до актуелната директорка на Клиниката, доктор Стојка Нацева-Фуштиќ, но таа не одговори на нашите прашања.

Ирена Мулачка

Поврзани новости