Почна пак да дише во мои раце, вели за „Фокус“ Аднан Дибрани кој го врати во живот бебето што беше извлечено од Морача

by Fokus

Само два месеци има бебето што беше спасено вчера од реката Морача, во Подгорица, откако неговата баба паднала во реката заедно со него. Бебето е сега во добра состојба и е заедно со неговите родители. Неговата баба се удави во водите на Морача.

Новороденчето беше вратено во живот благодарение на Аднан Дибрани, кој по игра на судбината се нашол на местото на настанот. Работниците на градското претпријатие „Зеленило“ Алфи Ибрахимовиќ и Алмир Мујак го извлекле бебето од водата, но ниту еден не знаел да го реанимира, освен Дибрани.

Судбината како да сакала баш во тој период Дибрани да биде во Подгорица како надгледувач на претседателските избори кои се одржаа вчера. Тој е, инаку, пратеник во Шведскиот парламент, а е роден во Косово.

-Се шетавме низ Подгорица пред прес конференцијата која чекавме да се одржи. Кога дојдов до мостот видов жена и бебе во водата. Некои луѓе дојдоа. Им реков да викнат брза помош, бидејќи јас не го знам бројот. Мислам дека викнаа и сите се страчаа. Јас бев позади нив – раскажува за „Фокус“.

Кога се спуштил до реката, бебето веќе го извлекувале од реката.

-Не знаеа како да му помогнат. Јас го земав. Имам три мали деца, па за мене е важно да ги знам овие работи. Го свртев бебето и почнав да го удирам по грбот, за да излезе водата од неговите бели дробови. Бебето почна да дише во мои раце и почна да дава знаци на живот. Се стрчав на ридот кон улицата и додека трчав цело време се грижев бебето да биде во контакт со мене. Ја видов амбулантата како доаѓа и се стрчав на улица за да им го предадам – вели Дибрани и додава дека не успеал да види дали бабата паднала во реката, или намерно скокнала како што се сомнева црногорската полиција.

Дибрани е инаку во шведската политика веќе тринаесет години. Роден е во Косовска Митровица, а во Шведска заминал на почетокот на 90тите години. По образование е економист.

Неговиот хероизам не беше забележан во медиумите во Србија и Црна гора, иако настани од овој тип често се пренесуваат сензационалистички кај нашот северен сосед. На прашање за меѓуетничките односи и преговорите меѓу Србија и Косово, тој вели дека треба да се помириме и да се прифатиме едни со други.

-За мене е многу важно да живееме како соседи. Сакале или не Косово и Србија ќе бидат соседи. Сите балканци треба да живеат во мир. Не е битно дали било српско или албанско детето, ќе го спасев како и да е. Во Шведска живееме сите заедно, така треба да биде и на Балканот – вели Дибрани.

Поврзани новости