Шелева: Со „Скопје 2014“ се претера, но ме жалости што владее отров на нашата медиумска сцена

by fokus

Претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, позиција која го привлече вниманието на јавноста, не претходно, туку по назначувањето на поетот Дарко Лешоски, кој ја напушти функцијата поради лавината реакции во јавноста, по што беше назначена професорката и книжевната критичарка и теоретичарка, Елизабета Шелева. Сега,ниту Шелева не е поштедена од острицата на македонските јазици.

-Навистина жалам, што овој разговор со Вас, го водиме на тема, која нема никаква врска со претстојниот книжевен фестивал Струшки вечери на поезијата 2017 и вниманието, што го заслужува. Фокусот на медиумскиот интерес (одново) се пренасочува кон прашања, надвор од надвор од сферата на литературата и меѓународната афирмација на македонската култура, предвидена со одржувањето на ваков (фестивалски) формат. Конечно, и од матичниот домен на моето дејствување, поради што сум избрана за оваа задача – ни изјави на почетокот Шелева.

На социјалните мрежи професорката е обвинувана поради трибина за „Скопје 2014“, одржана пред седум години. Нејзините изјави, вели таа, не се точно пренесени, или, пак, тенденциозно се прочитани во некои од медиумите, при што додава, дека во македонската средина владее несомнена огорченост и видлива тенденција,за лично дискредитирање, врз основа на учество во усна дискусија и површно пренесени новинарски резимеа од истата – заобиколувајќи го претходно остварениот, се’вкупен творечки и интелектуален профил, ангажман и придонес на конкретно засегнатата личност.

-Одбивам да бидам предмет на таква злонамерна инструментализација! И да навлегувам во вителот на заемните пресметки. Особено, што забележувам дека владее селективен (пристрасен) однос при изборот и таргетирањето на актуелните теми. Поделени сме, владее отров. Претпоставувам тоа е фрустрација која ги измачува луѓето, затоа што долго време сме се чувствувале немоќни, обезгласени и оневозможени во носењето на одлуки, кои сите не’ засегаат. Наоѓам разбирање. Се’ се сведува на црно или бело, се’ е најдобро или најлошо, длабоко поларизирано – и токсично. Се надевам, ќе настапи поинакво време на конструктивна хармонија и свртување кон позитивна перспектива. Во овие невралгични мигови, владее потреба, по секоја цена, и зад се’ –да се бараат скриени, конспиративни, лукративни мотиви. Присуството и влијанието на фамозните социјални мрежи, појавата и владеењето на фејк њус и пост-вистината, како актуелни ПР феномени,отвораат неограничени можности за секаков вид спинување, манипулација и етикетирање. Доколку се промени или изостави самоеден збор –се интервенира во самиот контекст –при што сосема се менува смислата на целиот даден исказ – вели професорката.

По однос на тврдењата, дека гласно му дала поддршка на архитектонското преуредување на главниот град, преку проектот „Скопје 2014“, Шелева демантира. Нејзините текстови, колумни, книги, подолго време наназад, се сосредоточени околу поетиката на невдоменоста во литературата. Таа не напишала, ниту објавила афирмативен авторски текст, есеј или прилог, конкретно посветен на проектот Скопје 2014.

Вели, дека зборовите, употребени во еден од новинарските прилози, оти Скопје е град на духовите, воопшто не се нејзина формулација, туку на авторот, кој го направил овој осврт.

-На споменатата дебата, јасги изнесов и повторив тезите од мојот есеј, „Спасете го Скопје“, првично објавен во 2003 год. во словенечкото списание за култура (под наслов „Save as SkopjeS“). Во овој есеј, и независно од дадениот проект, јас зборував за Скопје од кулутролошки аспект,како за град – бриколаж, во кој, со оглед на претходните катастрофи (палењето на Пиколомини, земјотресот од 1963) – отсекогаш се мешале различни стилови и мултикултурни влијанија, воедно и двете лица на градот: вирутелното (некогашното) и актуелното (сегашното). Воопшто не гитретирав архитектонските дискурсии аспекти. Тоа не е мое поле на компетенции. Но, се осврнав на носталгичната меморија, што владее кај повозрасните жители на Скопје, посебно кај писателите, кои се’уште го паметат, пишуваат и се раководат според старите називи на улиците и градбите, иако истите тие се веќе разурнати и непостоечки. Отаде, констатацијата, дека Скопје е град на духови, воопшто не е моја реченица, туку е наслов, што го обликувал самиот новинар – вели Шелева.

Наместо произволно интерпретираните осврти во медиумите, Шелева порачува нејзините заложби да се побараат во авторските прилози, што до сега ги има напишано, како и во нејзиниот предан ангажман во доменот на културата.

-Не постои мој пишан текст, конкретно врзан за „Скопје 2014“. Сум се осврнала на културолошки аспекти на домувањето во Скопје, како колумнист и професор. Но, како што може да се види, до сега, немам направено ниеден авторски текст на гореспоменатава тема. Не сум, ниту сум била упатена во нивните планови, тоа не е во доменот на мојата експертиза – додава таа.

За проектот, кој го видоизмени главниот град, вели, дека истиот добил такви размери, што првично не можеле да бидат предвидени.

-Во почетокот во 2009 година, не ни претпоставувавме, дека ќе се случи сето ова. Не можеше да се знае, во кои и какви се’ димензии ќе се одвива целиот градежен зафат, дека постојано ќе се додаваат нови и нови скулптури, разновидни градби, вкопани галии, панорамскоto тркало, особено,дека при тоа ќе се инвестираати такви финансиски износи, што се неколкукратно повисоки од првично планираните или јавно декларираните. Сведочевме, дека градот драстично се менуваше, од ден во ден. Можеби, првичните замисли и намери да биле поинакви, но, на крајот од краиштата, се отиде предалеку, се претера, плоштадот се пренатрупа, а да не зборувам заогромните и нерационално потрошени финансиски средства– смета таа.

Шелева е инаку редовен професор на катедрата по Општа и компаративна книжевност. Автор е на повеќе од 200 трудови, есеи и 9 книги од областа на литературата. Беше член на Професорскиот пленум од неговото основање и го поддржа Студентскиот пленум за време на универзитетското движење, против предложените измени во Законотза високото образование.

М.В.

Поврзани новости