Министерката за одбрана и вицепремиерка, Радмила Шекеринска, во синоќешното гостување на Телма одговори и на прашање во врска со вработувањата во државни институции на блиски членови на семејството на функционери од Владата. Последниот пример беше со министерот за економија Крешник Бектеши, чија сестра е вработена во државната компанија МЕПСО, како и синот на пратеничката која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова, а кој неодамна бил вработен во Фондот за иновации и дузина.
На прашање од новинарот дали онаа синтагма „ќе не биде“ значи дека дошол живот само за функционерите, Шекеринска одговори дека по бројот на граѓани Македонија е мала земја, објаснувајќи го тоа дека е нормална појава.
-Не сакам убавата вест да ја третираме како дел од овие дебати. Јас сум спремна и за тие да дискутирам, но не за 30 секунди, ќе се согласите. Меѓутоа кога ќе ми најдете држава со два милиони во кои што семејствата на сите некако ќе исчезнат и нема да се дискутира, јас ќе ви кажам браво! – одговори Шекеринска.
Министерката се посочи себе како пример и додаде дека вчера на седницата во Собранието за избор на членови на Антикорупциската комисија се дозна дека една кандидатка е во роднинска врска со неа. На прашање на новинарката Тамара Чаусидис дали е во роднинска врска со Шекеринска, кандидатката одговори дека „можеби станува збор за далечни роднини“.
-Вчера на пример дознав од прашање на една ваша колешка дека сум имала некоја си роднина, која патем речено не сум ја знаела, која конкурирала за Антикорупциска. Еве ќе ви кажам мој пример, мојата почината баба има 40 први братучеди, мојот починат дедо има 38 први братучеди. Своите втори и сите трети не ги познавам – рече Шекеринска за Телма.
Зборувајќи за формулацијата „ќе не биде“, таа додаде:
-Ќе не биде затоа што многу лоши пракси укинавме, затоа што Владата се корегира на секој фаул и на секоја реакција од јавноста. Ова е демократско општество, ни изгледа хаотично, но тоа покажува дека зрееме – рече таа.