Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска доби покана да се приклучи кон Европскиот совет за надворешни работи – една од највлијателните пан-европски тинк-тенк организации со мисија за поттикнување на кохерентна и ефикасна надворешна политика базирана на европски вредности.
Поканата ја упати тричлената група ко-претседавачи со бордот на Советот, предводена од Карл Билт, поранешен шведски премиер и еден од политичарите што одигра голема улога во смирување на балканските конфликти по распадот на СФРЈ од позиција на специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија и специјален пратеник на генералниот секретар на ОН за Балканот.
„Основната цел и мисија на мојата кариера отсекогаш била да ги доближам европските идеали до Македонија, но и да ја доближам Македонија до Европа. Верувам дека Вашиот еминентен Совет претставува исклучителна прилика за мене да продолжам да дејствувам во истата насока. Со задоволство ја прифаќам привилегијата да станам членка на советот на Европскиот советот за надворешни работи“, наведува министерката во писмото.