Шекеринска: Пратениците да ја прифатат пораката од референдумот и да преземат одговорност

by fokus

Референдумот беше со цел да видиме каков е ставот на граѓаните по прашањето дали Македонија треба да биде членка на НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот. Вчера граѓаните достоинствено гласаа и со својот мнозински глас порачаа дека нашиот пат и нашата иднина се во НАТО и ЕУ, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на прес конференција денеска во Владата.

Како што рече министерката во следните седум до 10 дена ќе се прави анализа дали може да се обезбеди 2/3 мнозинство во парламентот за уставни измени.

-Следнава недела очекуваме и бараме поединечни средби со разни политички фактори. Оваа недела ќе направиме проценка дали постои шанси за 2/3 мнозинство. Доколку псотои сметаме дека Македонија ќе добие шанса да обезбеди членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ – рече Шекеринска.

На референдумот, посочи таа, гласаа повеќе од 661.000 граѓани, а од сите кои гласаа повеќе од 91 отсто избраа за европска Македонија.

-Дури и во случај на поголема излез на референдумот, бројката да одговараше на најголемите одѕиви забележани во Република Македонија, од милион и 16 илјади излезени, овој резултат од над шестотини илјади граѓани ќе значеше јасна одлука на граѓаните и јасна опреелба за европска Македонија. Имаме повеќе гласови „за“ од било кој победник на било кои парламентарни избори. Одлучија гласовите на тие кои гласаа. Тоа беше пораката што ја испративме до граѓаните – рече министерката.

Пратениците во Собраните, додаде, немаат друга вистинска опција освен да го следат гласот на мнозинството.

-Гласот на граѓаните е јасен повик до сите политички партии сите пратеници да му се приклучат на процесот и да работат на оваа цел. Очекуваме да се отповикаат на јасната порака на граѓаните и да се обединат за да ја воведеме наша држава во НАТО и ЕУ. Клучно е на страна да се стават поединечните и партиските интереси. Пратениците ќе имаат јасен избор, од една страна Македонија во НАТО и ЕУ, додека другата опција е изолација и неизвесност за нашата татковина. Очекуваме да ја прифатат пораката од референдумот, да ја преземат својата одговорност и да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Во блиска индина оваа шанса Македонија нема да не има – им порача Шекеринска на пратениците.

 

Поврзани новости