Сигурни сме дека ја заслуживме одлуката Франција да ја поддржи Македонија во добивањето покана за влез во НАТО следниот јули и датум за почнување преговори со Европската унија. Таа поддршка е навистина заслужена и тоа ќе биде само почеток на еден важен, тежок и комплексен пат кој треба да се изоди, но којшто е неопходен. Тоа ќе биде поддршка за целиот регион, за нашите соседи, за сите прогресивни сили на Балканот.
Ова вечерва го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која во резиденцијата на Франција беше одликувана со Орденот „Командант на националниот ред за заслуги на Република Франција“.
– Ова признание и моето пристапување кон ова реномирано семејство покажува дека Република Македонија и Француската држава споделуваат исти вредности, се стремат да ги достигнат истите височини и се раководат од истите принципи. Мојата лична посветеност ќе биде во насока да ги доближиме нашите две земји преку соработка. Франција може да смета на Република Македонија и се надевам дека и ние можеме да сметаме на вашата поддршка за да ги постигнеме нашите стратешки цели, потенцира Шекеринска.
Шекеринска беше одликувана од државниот секретар на вооружените сили на Франција, Женевиев Дариесек.
– Ја прифаќам оваа чест во име на мојата земја и нејзиниот народ, во име на сите граѓани. Заслугата ним им припаѓа поради нивната енергија, нивната амбиција, трпеливоста и надежта. Енергија да се продолжи и покрај се. Амбиција да направат промени во својата земја. Трпение да се надминат препреките. Надеж дека промената е можна и зависи од нас. Голема надеж дека Македонија е европска земја, дека нашите вредности се европски, истакна Шекеринска.
Орденот е воспоставен во 1963 година од генералот Де Гол и се доделува за истакнати заслуги на воени или цивилни лица.
Женевиев Дариесек е првиот член на Владата на Емануел Макрон што го посети Скопје. Таа попладнево имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов и изјави дека во име на француската Влада носи порака за пријателство и соработка.