Дариесек кон Шекеринска: Како долгогодишен голем пријател на Франција, Вие го заслуживте ова одликување воспоставено од Генералот Де Гол

by fokus

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска доби високо француско одликување, орден – Командант на Националниот ред за заслуги на Франција. Орденот во име на Претседателот на Република Франција, на министерката Шекеринска и го врачи министерката Женевјев Дариесек, Државен секретар на Вооружените сили на Франција, на прием во чест на министерката, во резиденцијата на Франција во Скопје.

Во говорот на церемонијата на врачувањето на орденот, министерката Дариесек рече дека, како прв член на владата кој доаѓа во Скопје од преземањето на функцијата на претседателот Емануел Макрон, во име на француската влада носи порака на пријателство и соработка, и ја образложи одлуката за доделувањето на орденот на министерката Шекеринска:

– Како долгогодишен голем пријател на нашата земја, Вие го заслуживте ова одликување воспоставено од Генералот Де Гол коешто се доделува за најистакнати граѓански заслуги.Впрочем, Вие одлично го познавате нашиот јазик. Оваа одликување Ви се доделува за Вашиот талент и вредности кои се признаени, како во Вашата земја, така и во Европа – рече Дариесек.

Стекнувањето на кандидатскиот статус за Македонија за време на мандатот на Шекеринска како заменик на претседателот на владата задолжен за европски интеграции, во 2005-та, Дариесек го извои како момент кога Шекеринска се стекна со „драгоцено искуство и целосно меѓународно признание“.

Француската државна секретарка на вооружените сили и оддаде признание и на владата и рече дека новите власти ја вратија земјата на патот на европската интеграција, а ги спомна и настаните од 27 април во собранието.

– Нема да се задржувам на настаните од 27 април 2017 година.Во тешките времиња секогаш бевте подготвена да преземете најголема одговорност. Сега во новата Влада, имате голема одговорност во клучна област. Малку е да се каже дека ние го цениме значајниот придонес што го давате, преку највисоките државни органи за нашата безбедност и одбраната на слободите на нашиот континент – рече Дариесек.

Заблагодарувајќи се на укажаната чест, министерката Шекеринска рече дека ја прифаќа почеста во име на својата земја Македонија, на нејзиниот народ и во име на владата.

Поврзани новости