Радмила Шекеринска, заменик претседателка на СДСМ и носителка на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 5, денеска на стружани им вети дека ќе ги вратат младите дома, кои во изминатава деценија биле приморани да избегаат од своите домови.
-Младите во нашата држава не можеа да ги остварат соништата дома, бидејќи власта 10 години работеше само на лично и партиско богатење, затоа заминуваа низ белиот свет, таму формираа семејства, таму ги селеа своите семејства и таму создаваа шанси за пристоен живот. Ние имаме план за младите во Македонија. Имаме план за живот во Македонија. Тој план подразбира повеќе работни места и подобро платени работни места. Затоа во нашиот План за живот во Македонија предвидуваме минималната плата во нашата држава веднаш да ја покачиме на 12 илјади денари, на крајот на мандатот таа постепено ќе се зголемува, и ќе изнесува 16 илјади денари, истакна Шекеринска.
Таа додаде дека паралелно со зголемувањето на минималната плата ќе ги зголемуваат и платите и во здравството, и во образованието.
-Двојно ќе ги зголемиме платите на сите коишто работат во здравство и се дел од медицинскиот кадар, и лекарите и медицинските сестри и болничарите. На тој начин ќе ги задржиме да останат во јавното здравство на Република Македонија. Ниту еден наставник или професор кој работи во образованието нема да има плата пониска од просечната плата. Со серија на мерки со зголемување на минималната плата, со поддршка на домашните компании, со зголемувањето на платите во здравството, и во образованието ќе обезбедиме просечната плата во Македонија да изнесува 30 илјади денари. На тој начин ќе го враќаме животот во Македонија, на тој начин ќе обезбедиме шанси за сите во Република Македонија. Груевски понуди живот само за себе, за својата фамилија, и за својата политичка партија. Со него нема напред за сите останати во нашата држава, истакна Шекеринска.