Шекеринска категорична: Никогаш и по никоја цена не се мешаме во односите внатре во верските заедници!

by fokus 14:18
14:18

Вицепремиерот и министер за одбрана, Радмила Шекеринска денеска изјави дека Владата е многу внимателна во однос на актуелните случувања во Исламската верска заедница (ИВЗ) и генерално, и додаде оти почитуваат различност и права на граѓаните.

– Многу сме внимателни, никогаш и по никоја цена да не се мешаме во односите внатре во верските заедници. Тоа не сме го направиле за ниту една друга, тоа не сме го направиле сега и за ИВЗ. Она што се случува внатре е прашање што треба да го средат верниците. Тоа е прашање во кое единствената одлука не е одлука на извршната власт туку на судската власт. Владата јасно кажа дека не сака вакви работи да се случуваат во било која верска заедница, а сите наводи што се спомнуваат во јавноста дека се работи и за фалсификат документи целосно ќе бидат истражени, рече Шекеринска за актуелните случувања во ИВЗ.

- Advertisements -

Тоа, како што рече, покажува дека ние на никој начин не сме придонеле на таквата ситуација, немаме од што да стравуваме, ниту да се срамиме.

– Секој во оваа држава може сам да си ја избере својата религија, дали ќе ја практикува или нема да ја практикува. Но, по едно прашање нема избор – сите мора да ги почитуваме законите. На таков начин мислам дека и верниците ќе бидат посигурни, на таков начин и државата ќе функционира подобро. Меѓутоа можеби и истрагата ќе покаже дека некои од политички причини планирал тоа да се случи токму сега. Јас за тоа ниту можам, ниту сакам да шпекулирам, но повикот до сите граѓани на нашата земја е да не дозволиме државата да губи време на работи што можеме и треба да ги решиме во рамки на нашиот политички систем. Тоа значи дека сите имаме право на различно мислење, но на петти мај треба да избереме претседател, нагласи Шекеринска.

Таа е убедена дека граѓаните, и првославните кои се подготвуваат за прославување на претстојните празници и муслиманите кои, како што рече, со загриженост ги следат настаните, знаат дека ни треба вистински претседател кој ќе ги обединува овие разлики, а не некој што ќе игра на картата на поделби.

Поврзани новости