Шекеринска: Изборите се единствена опција ако Собранието не ги изгласа уставните измени

by fokus

Собранието ја има историската можност и историската одговорност да ја отвори вратата на Македонија за членство во НАТО, вели во интервју за МИА вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска која го предводи македонскиот тим кој денеска и утре во Брисел официјално ги почнува пристапните преговори за членство на Македонија во НАТО.

-Сум била пратеник и знам дека во мандат имате една или ниедна таква можност да влезете во историјата и да кажете мојата држава ја обезбедив со членство во најмоќниот сојуз. И јас сум убедена од сите разговори што сум ги имала со пратеници дека и самите се свесни за големата одговорност но на крајот зависи од секој пратеник. Доколку се обезбеди двотретинското мнозинство Македонија ќе покаже и на Европа и на светот и на регионот дека знае што сака и знае како таа цел да се исполни. Доколку надвладеат партиските и личните интереси на неколкумина тоа ќе биде голем минус за Собранието и за нас ќе значи неопходно итно закажување на предвремени избори – вели министерката.

Според неа нема друга алтернатива, или Собранието ќе изгласа уставни измени, или парламентот ќе биде распуштен.

– Секој план  или предлог има ризици. Меѓутоа кажете ми ја која е алтернативата? Ние не влеговме во избори без да ги ставиме работите на вага. Ние и денеска велиме, за Македонија е подобро процесот да заврши со успешна собраниска процедура. Ама ако таа процедура е невозможна во овој парламент тогаш редно е мандатот да го вратиме кај граѓаните. Друга опција не постои, му даваме шанса на овој парламент да гласа. Ако повторно целта биде да се уценувам да се блокира, да се успори овој процес тоа е најлошата опција бидејќи роковите ни се познати на сите. Ако дадеме шанса да трае до недоглед, ништо нема да се случи. Затоа велиме ако Собранието одлучи да им даде шанса на стратешките интереси на државата, одлично. Ако не, избори се единствена опција, друга не постои – посочува таа.

Напрашањето дали постои надворешна закана за Македонија, Шекеринска вели дека најголеми се заканите од разузнавачки карактер.

– Правењето проценка не се сведува на еден извор на закана, туку се анализира кое е нивото на закана на различни извори. Оценката е дека Македонија малку треба да се плаши од онаа класична физичка закана на нејзините граници којашто би било некој стандарден тип на воено дејствие од минатиот век. Меѓутоа се поголеми се заканите од типот на влијанија на разузнавачки структури, тие се присутни секаде во регионот, и тоа е една од високорангираните закани. Високо се рангираат хибридните закани и особено сајбер закани коишто ќе ви бидат невидливи но можат да ви го парализираат системот.  Можат буквално да ви ја направат државата да биде обезглавена во клучни моменти. Високо рангираат и заканите коишто произлегуваат од климатските промени, поплави, пожари и друг тип на климатски ризици – вели таа.

 

Поврзани новости