Доколку на референдумот се донесе одлука таа е обврзувачка за институциите, но доколку не се донесе одлука институциите имаат обврска да го кажат своето мислење, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговарајаќи на новинарско прашање во врска со претстојниот референдум за Договорот со Грција и за тоа дали уставните измени ќе се спроведат и доколку договореното не биде прифатено од граѓаните.
– Нашата цел е да го исполниме она што е ветено, да им дадеме шанса на граѓаните да го кажат своето мислење за ЕУ, за НАТО и за патот преку кој ќе стигнеме до тоа членство. Ги поттикнуваме граѓаните најотворено да го кажат својот став, ако некој е убеден како што ние сме убедени дека огромно мнозинство граѓани посакуваат земјава да се нормализира, да се стабилизира, да се стави на тој пат, ќе излезат и ќе го дадат својот глас. Оние кои сметат дека тоа не е добро исто така може да излезат и да го дадат својот глас. Таа одлука ја оставаме на граѓаните и ги повикуваме да го дадат своето мислење, порача Шекеринска по денешното потпишување на Меморандум за соработка со деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски.
Во врска со тоа дали е планирано уште една лидерска средба која би била посветена на референдумското прашање, Шекеринска истакна оти досега покажале голема трпеливост за дискусија со цел да се усогласат ставовите.
– Како прашање е ставен Договорот со Грција, како прашање е ставено нашето членство во ЕУ и во НАТО. Секој кој ги двои овие две теми лаже и ја манипулира јавноста, рече Шекеринска.
Потсети дека на претходните лидерски средби биле исполнети голем дел од барањата на опозицијата. По првата лидерска беше организирана лидерска во помал состав.
– Се што побара опозицијата освен амнестијата за која од старт рековме дека не ја прифаќаме и беше прифатено, порача Шекеринска и нагласи дека во овој момент кај опозицијата не постои расположение за договор.
Според нејзините сознанија Собранието најверојатно в понеделник ќе ја донесе одлуката за распишување на референдумот.