Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес е во работна посета во Неготино, каде изврши увид на терен на локалниот пат Криволак – Пепелиште, на кој се прави комплетна реконструкција во должина од шест километри.
Патот најчесто го користат возилата на Армијата и е единствениот кој води до Воениот полигон Криволак. Поради тоа локалната власт побарала финансиски средства за реконструкција од страна на Министерството за одбрана, по што на сметката на општината биле префрлени 34 милиони денари. Поради мерките за заштита од корона вирус, според кои ракувањето при средбите не е препорачливо, Шекеринска и неготинскиот градоначалник Тони Делков денес се поздравија со поздравот – лакт во лакт, или во светот познат како Elbow bump (судир со лакти), кој се појави како алтернатива на ракувањето во 2009 година, кога беше актуелна пандемијата со свински грип.
Во тоа време, според здравствените работници, дури и поздравот со лактите се сметаше за ризичен, поради опасност од ширење на бактерии, и здравствените работници препорачуваа поздравување од дистанца.
Поздравот судир со лакти многу често го користеше поранешниот претседател на САД, Барак Обама, а и денес поради пандемијата со Ковид 19 повторно започнаа да го користат многу светски државници.
Сепак, генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејезус минатиот месец изјави дека не би го препорачал, бидејќи при овој поздрав не може да се одржи потребното растојание.
-Јас претпочитам да си ја ставам дланката на срцето, наместо било каков поздрав кој вклучува допир – изјави Гебрејезус.
-Значи, немојте да се ракувате, немојте да се удирате со лакти, и во никој случај немојте да се бакнувате во образ. Наместо тоа, можете да мавтате со рака или пак да ја ставите дланката на срце – апелираше директорот на СЗО.
Избегнувањето на ракувањето е само уште една од видливите промени кои ја донесе вирусот. Изминатиот период можеа да се забележат голем број на државници кои започнаа да го користат новиот поздрав – дланка на срце, а помеѓу нив се и Реџеп Ердоган, Јенс Столтенберг и други. Емануел Макрон, Доналд Трамп, принцот Чарлс и многу други светски политичари пак го употребуваат индискиот поздрав Namaste, односно ги склопуваат дланките како при молитва и благо ја наведнуваат главата.
Вики Клинчарова