Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска оствари средба со амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Н. Е. Чарлс Герет.
Заклучокот од средбата беше дека одбранбената соработка помеѓу Република Македонија и Обединетото Кралство се реализира на исклучително високо ниво и двете земји ќе вложат дополнителни напори за нејзино унапредување.
Министерката Шекеринска на средбата зборуваше за плановите на новата Влада за суштински и вистински реформски зафати со цел достигнување на стратегиските цели на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија.
„Македонија ќе даде придонес во создавањето на амбиент за потесна соработка во регионот и останува посветена на учеството во меѓународните мисии за поддршка на мирот предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации“, истакна министерката Шекеринска.
Амбасадорот Герет изрази недвосмислена поддршка за членството на Македонија во Алијансата, и додаде дека треба да се искористи овој момент на изразен оптимизам и ентузијазам видлив во Македонија и кај партнерите.
На средбата беше потенцирана важноста на регионалната соработка како предуслов за стабилност и безбедност. Во таа насока амбасадорот Герет рече дека и покрај процесот на излегување од Европската Унија, Обединетото Кралство останува активен дел од Европа и сојузник на НАТО-Алијансата за која регионот и Македонија се од голем интерес.