Шеќеринска: Утре мора да има договор за изборниот законик

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ ја повторува старата тактика, да ги блокира преговорите со нивно постојано одложување. Барање за консултации, барање за паузи, враќање назад на прашања коишто одамна се расчистија. Очигледно целта е преговорите да влезат во некаков ќорсокак. Тоа нема да им помине. Слично како и со Законот за Специјалниот јавен обвинител, роковите се тука за да се почитуваат. Утре, договор за изборниот закон мора да има, рече на денешната пресконференција потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска.

Според договорот од Пржино утре истекува крајниот рок за постигнување договор за изборниот пакет. Досега за ниту едно од спорните прашања не е постигнат договор, како ќе гласа дијаспората, како да се прочисти избирачкиот список, како и за составот и надлежностите на Државната изборна комисија.

-Во текот на последните неколку дена, во преговорите за новата изборна регулатива СДСМ предложи зголемување на квотата од 40% на жени, односно на двата пола, на сите кандидатски листи. Тоа значи дека предлогот којшто беше предложен од македонското женско лоби, целосно, во текот на овие преговори ќе го поддржиме и ќе бараме жените во Р.Македонија ќе го добијат заслуженото место, додаде Шеќеринска.

Поврзани новости