Шефот на групата „Вагнер“ бара да се забрани Јутјуб во Русија

by Fokus

Бизнисменот и основач на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, апелираше до јавниот обвинител на Русија да се ограничи пристапот до видео хостингот на Јутјуб. Во соопштението објавено од прес-службата на неговата компанија „Конкорд“, тој побара активностите на „Гугл“, кој ја поседува мрежата, да бидат прогласени за „непожелни“ во Русија.

Со избувнувањето на војната во Украина, Пригожин е сигурен дека на Јутјуб започнала „информативна војна насочена кон оцрнување на имиџот на Русија“. Тој ја обвини платформата за ширење фалсификати, повикување на рушење на власта, објавување „русофобни“ и деструктивни содржини.

„Јутјуб е преплавен со фалсификати кои имаат за цел да ја дискредитираат руската војска, да шират намерно лажни информации за акциите на руските вооружени сили, државните власти и владата, како и патриотските сили“, се вели во документот.

Јутјуб почна да ги блокира каналите на руските власти и пропагандисти по почетокот на војната во Украина. На 9 април, пристапот до ТВ каналот Дума, кој ја покриваше работата на Државната дума, беше затворен. Сервисот го блокираше и пристапот до неколку брифинзи на официјалниот претставник на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, видеа со поранешниот шеф на „Роскосмос“, Дмитриј Рогозин и го избриша каналот на ТВ водителот Владимир Соловјов.

Поврзани новости