Без оглед кога и да се случи формирањето на новата влада во Бугарија, двете страни не треба да губат време, порачува во интервју за МИА шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.
Ваквата порака тој ја испраќа во одговор на прашањето колку се реални очекувањата да ги започнеме преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство, а исто така и порачува дека Северна Македонија и Бугарија треба да го решат спорот билатерално.
-Јас бев длабоко разочаран од неможноста да се започнат пристапните преговори со Северна Македонија. Билатералните и историските прашања треба да бидат одвоени од овој процес. Ќе видиме како и кога ќе може да се формира нова влада во Бугарија. Кога и да се случи, двете страни не треба да губат време и треба да преземат конкретни чекори за меѓусебно приближување со цел да се ослободи патот за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ што е можно побрзо, вели Шаленберг.
Според него, важно е да се најде решение на билатерално ниво помеѓу Бугарија и Северна Македонија без да се воведуваат овие прашања во процесот на проширување, а дали е потребно посредништво од трета страна, тоа вели, двете земји самите треба да го просудат.
-Доколку дојдат до таков заклучок, Австрија е секогаш подготвена да ги понуди своите капацитети, посочува шефот на австриската дипломатија.
Во однос на нон-пејперот за прекројување на границите на Балканот, кој наводно произлегол од словенечкиот премиер Јанез Јанша, првиот човек на австриската дипломатија не гледа причина за поголем коментар околу него, поради сè уште нејасното авторство на документот.
-Сепак, една работа треба да биде јасна, а Австрија има цврст став околу тоа: територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина не е на располагање под никакви услови, вели Шаленберг.
Целосното интервју, најавува МИА, ќе го објави утре.