Министерката за надворешни работи и дијаспора во Владата во заминување на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла поднесе денеска оставка од функцијата, откако во јавноста се појави снимка, според која нејзиниот сопруг наводно потплатува членови на изборна комисија за да ѝ ги обезбеди потребните гласови за да стане пратеничка во новото Собрание на Косово.
Харадинај-Стубла поднесе оставка и на функциите и членството во нејзината партија, Алијанса за иднината на Косово (ААК), а во образложението кое го објави на нејзиниот Фејсбук, наведе дека последните денови, таа лично инејзиното семејство, „во се уште неразјаснети околности“, биле „изложени на линч, притисоци, манипулации и уцени“.
– Оваа одлука ја донесов поради моралната штета која ми е нанесена и повредениот имиџ од страна на лица со валкани намери, а не затоа што чувствувам одговорност за манипулациите и обвиненијата кои ми се припишуваат мене и на моето семејство, напиша Харадинај-Стубла, најавувајќи дека ќе се бори со сите законски средства за да се открие вистината во врска со обвиненијата против неа и нејзиниот сопруг.