Шчербак: Не би сакале македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база

by fokus

Секоја држава има сопствен избор за градење на националната безбедност без разлика дали тоа е со членство во НАТО или воена неутралност, изјави рускиот амбасадор Олег Шчербак говорејќи пред студентите од Факултетот за безбедност.

– Секоја земја треба самостојно со референдум и почитување на волјата на мнозинството да одлучи за членство во сојузи. Постојат успешни воено неутрални држави во Европа и таквиот пристап на решавање на националната безбедност е рационален, изјави Шчербак.

Посочи дека ефикасната безбедност во 21. век може да биде изградена само врз основа на колективна безбедност и со заеднички напори на сите и мали и големи земји.

Според него, НАТО претставува воено-политички блок создаден од САД со една цел да се спротивстави на Варшавскиот пакт, но иако тој веќе 30 години не постои НАТО се уште се шири кон исток.

– Воено неутралниот статус на Македонија може да и даде многу и во таков случај таа ќе биде отворена за сите и ќе може да ги оствари економските и социјални интереси на граѓаните, без да биде под товарот на европската солидарност. Добро знаете дека кога солидарноста се става над здравиот разум, тоа е погубно за националните интереси, истакна Шчербак.

Посочи дека постои пропаганда со која Русија се претставува како агресор и дека земјите од Балканот се принудуваат да направат вештачки избор меѓу Истокот и Западот.

– Последиците од тоа се познати на Украина која беше ставена под таков ултиматум, што предизвика раздор и граѓанска војна. За жал, нашите западни партнери ништо не научија од ова, изјави Шчербак.

Рускиот амбасадор тврдењата дека Македонија се наоѓа на линија на огнот меѓу САД и Русија ги оцени дека се во насока на изолација на нашите народи и зголемување на русофобијата.

– Руската Федерација не може да не биде загрижена за воената доктрина на НАТО во која Русија е прогласена за непријателска. Тоа е многу опасна игра и не би сакале во оваа авантура да ја вовлечат и Македонија. Македонскиот народ да се користи како топовско месо и нејзината територија како НАТО база, изјави Шчербак.

Тврдењата дека членството во НАТО на Македонија ќе и донесат мир и стабилност, Шчербек ги оцени како мит.

– Не ве убедувам дека НАТО е зло, но само велам дека треба многу добро да се анализираат последиците при еден таков чекор. Влегувањето во така агресивен сојуз е предизвик и сериозен избор за секоја земја. Политичарите треба да бидат свесни за својата одговорност и да се водат од поговорката еднаш сечи, три пати мери, изјави Шчербак.

Поврзани новости