Поддржувачи на Шарената револуција денеска пред почетокот на состанокот на Советот на Министри за надворешни работи на ЕУ го изразија својот револт и искажаа поддршка за граѓанските протести во Македонија и барањата за демократија, правда и еднаквост и општество на владеење на правото. Со нив беше и Ерван Фуере.
Тие во рацете носеа шарени балони и транспаренти на англиски на кои пишуваше „Дали во ЕУ аболирате криминалци“. Од европските институции побараа:
1. Поддршка на мирните протести во Македонија и улогата на цивилното општество во решавање на политичката криза;
2. Поддршка за Европската иднина на Македонија со одржување на земјата на агендата на разговорите на министерскиот состанок на Советот на ЕУ, како и поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, чија работа е постојано попречена од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нивниот коалиционен партнер ДУИ, како и од Претседателот на Македонија;
3. Воведување на таргетирани индивидуални санкции (замрзнување средства и имот и/или забрана за влез во ЕУ) против членовите на владејачката партија и нивните соработници против кои е поведена кривична постапка, се до повлекување на претседателската одлука за аболиција, и целосно овозможување на непречна работата на Специјалното јавно обвинителство.