Граѓаните кои ја поддржуваат Шарената револуција во овие моменти се движат кон Собранието, каде во тек е вонредната седница на која беа вратени министерите од ВМРО-ДПМНЕ. Тие од 18 часот се собираа пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство, а рутата ќе биде Собранието, па Владата.
Мотото на денешниот протест е „Ќе ги посетиме, да ги потсетиме“, а демонстрантите ќе ги потсетат пратениците на нивните барања, а тоа се:
– Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО);
– Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија;
– Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО;
– Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;
– Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни;
– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;
– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територијата на Република Македонија;
– Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.