Ременски: Нашата битка не започна како министри, ниту пак ќе заврши откако не сме!

by Фокус

Откако Собранието изгласа Митко Чавков и Диме Спасов пак да се вратат на министерските функции, Фросина Ременски се огласи на нејзиниот Фејсбук профил. Нејзиното обраќање ви го пренесуваме во целост.

Yсловени или не, дали одлуката е законска или не ..

Владеачката булимента и квази институциите покажаа дека за нив правото е право кога само ним им служи и ги штити во беззаконие …

Нашата битка за слободата, правдата и еднаквоста не започнаа ниту кога не избраа за министри, ниту пак ќе заврши откако не сме !

Битката за овие вредности на секој слободољубив и правдољубив човек започнува со самото негово раѓање, затоа што човек таков се раѓа и таков умира !

Слободољубивоста е ген со кој се раѓаат сите антифашисти, затоа што само со тој вроден идеал човек може да го препознае и да се бори против окупатори, узурпатори и диктатори …, тоа не се учи, тоа се живее !

Оној што не може да го препознае подемот на неофашизмот во време во кое светот ита кон современието нема проблем со сопственото зло и незнаење, туку со оние кои се борат и за нивната слобода !

Нашата историска мисија за РМ започна и ќе заврши тогаш кога сите ние, но и родените денес ќе ја читаат и изучуваат историјата што се испишува денес, за да посведочи дека дострелот на денешнава слободарска идеја има поголем домет од копјето на Александар и трајноста на стиропорните фасади!

Ова време на непокор ќе сведочи за судирот на две визии за иднината на Македонија – онаа слободарската и онаа криминалната!

Изборот е наш. Ќе го направиме за себе и за нашите деца. Нелицемерно, храбро и одважно, зошто сето поинаку е изговор за неспособноста да се каже не на домашниот окупатор кој бара да се трае и трае …

И нема да ни биде виновен никој, ако не успееме сите заедно да ја вратиме слободата и да си ја зачуваме Македонија!

Затоа оставете ги жалбите, поплаките, искрените и лицемерните пофалби и комплименти … Ова време не е време на суети, политички величини и премерување на превласт и симпатии на терен …

Ова е многу повеќе од политика, ова е многу повеќе од борба за симнување на мафијата и квазипатриотите од власт – Ова е антифашистичка борба за цивилизацискиот идел – СЛОБОДАТА под историската парола СМРТ НА ФАШИЗМОТ, СЛОБОДА НА НАРОДОТ !

Македонија ќе застане на нозе и ќе се врати на колосекот на демократијата и плурализмот, само кога граѓаните ќе сфатат дека борејќи се против оваа власт вложуваат во својата и иднината на своите деца !

Тој влог е немерлив и бесценет !