Бидејќи Уставниот суд не го „есапи” нивниот ултиматум и не планира да се произнесе за уставноста на СЈО, активистите на Шарената револуција ќе продолжат со протести и блокади на раскрсници во Скопје.
Граѓанското движење повика на протест утре, во 18 часот, пред Специјалното јавно обвинителство, а во четврток планирани се и блокади на мостовите Гоце Делчев, Слобода и Мајка Тереза. Блокадите ќе почнат во 12 часот.
„Уставен суд сè уште не постапува по нашето барање за заштита на правдата. Прашуваме, планира ли овој суд, оформен во име на граѓаните и платен со пари на граѓаните, да се произнесе за Специјалното јавно обвинителство? Или планира да го укине? Додека одбројуваме за одговор на ова прашање, прогонот врз демонстрантите сè уште трае. Наместо повлекување на пријавите, добиваме информации за нови прекршочни и кривични пријави. СЈО сè уште е под закана! Демонстрантите сè уште се под закана! Затоа, ајде уште еднаш заедно да им ја покажеме нашата бескомпромисност!“, пишува во повикот на „Шарената револуција“.
Инаку, иницијативата за уставноста на СЈО денеска не се најде на дневен ред пред Уставниот суд, а ја нема ниту во утрешната агенда. Евентуално би можела да биде ставена на дневен ред за во четврток, но во тој случај судот би расправал за уставноста на СЈО дури идната среда.