Движењето „Протестирам“ денеска одново излегува на улица, а маршрутата ќе ја посети Македонската телевизија.
-Само информирани граѓан(к)и можат да носат информирани одлуки. Задача на Македонската радио телевизија, како јавен радиодифузер, е да известува професионално и непристрасно за настаните. Меѓутоа, овој јавен сервис е оттуѓен од народот и е слуга на партиските интереси на власта. Заедно со приватните режимски медиуми, МРТВ учествува во демонизирање на критиката и е комплетно посветена на промоција на корумпираниот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Со пари на граѓаните креира розова слика за реалноста и го одржува режимот на власт.
Денешниот протест, кој ќе започне во 18:00 пред СЈО, е со фокус на МРТВ. Ќе маршираме дотаму за да им порачаме дека тие се наш сервис и дека нивна задача е да работат професионално, а не партиски. Ќе им порачаме дека МРТВ е на граѓаните, од граѓаните и за граѓаните! Нема правда, нема мир!, напишаа од „Протестирам“ во пресрет на денешниот протест.
Одново ќе бидат испратени истите пораки. Иако изборите е извесно дека нема да се одржат на 5-ти јуни, сепак демонстрантите не се откажуваат и од другите барања, пред се повлекувањето на аболицијата.