Дел од граѓанските активисти на Шарена Револуција покренаа иницијатива за директно соочување со претседателските кандидати преку платформите facebook и twitter со хаштагот #НаМегдан и Facebook страната. Повикот на „шарените револуционери“ го пренесуваме во целост:
„Драги другари, другарки, соборци, хулигани и сите останати кои имаме повеќе прашања од одговори.
Во изминативе неколку години повеќето од нас ја продолжија индивидуално борбата која сите ние заедно ја водевме за време на активностите на Шарена Револуција. Нашите идеали го издржаа тестот на времето бидејќи зеднички создадовме систем на вредности на кој сите ние се повикуваме и по три години од протестите.
Во претседателската кампања до сега, стана очигледно дека сите кандидати за Претседател на Република Северна Македонија сакаат да ги присвојат вредностите на нашата револуција. Во вториот круг, барањата за наша поддршка се погласни од кога било претходно. Ја поздравуваме декларативната отвореност и демократичност на кандидатите, но и потсетуваме дека тоа неизбежно значи соочување со сите оние прашања чие неодговарање и избегнување во овие две години резултираа со незадоволство кај неопределените граѓани.
Кога повикуваат на поддршка од Шарената Револуција, политичарите би требало да знаат дека дека никој нема право да зборува во име на целата револуција и дека Шарена има различни гласови колку што има и различни луѓе. Така, целта на оваа иницијатива не е да го претставува гласот на Шарена Револуција или на револуционерите во целост. Целта е да се овозможи директна комуникација и соочување на активистите и сите останати граѓани за суштинските прашања кои ги засегаат принципите на Шарената Револуција и граѓанскиот отпор со луѓето кои претендираат да бидат на највисоката функција во државава.
До предизборниот молк, платформата #НаМегдан ги повикува сите кои сметаат дека во досегашната предизборна кампања не беа одговорени суштинските прашања, да ја искористат платформата за самите да ги постават прашањата кои се од нивен интерес. Истовремено, нашата платформа неуморно ќе ги прозива кандидатите да одговорат на тие прашања, а нејзината отвореност, транспарентност и јавност ќе бидат најдобрата алатка против злоупотребата на револуцијата и нејзините принципи во предизборната кампања.
Оваа иницијатива за комуникација помеѓу граѓаните и кандидтите ќе се состои од релевантни прашања, директно поставени преку платформите facebook и twitter со хаштагот #НаМегдан и Facebook страната На Мегдан. Ние секојдневно ќе ја ажурураме листата на поставени прашања со што ќе креираме фокусиран притисок врз кандидатите директно да одговорат на секое од нив.
Нашиот мегдан се состои во online комуникација и гласно прозивање на кандидатите, настапи во пишани и телевизиски медиуми и иницирање на завршна неформална средба со секој од нив поединчно, каде сите заинтересирани активисти ќе можат директно да ги постават своите прашањата.
Оваа иницијатива е отворена и кон неа може да пристапи секој што сака, преку јавно изјаснување со хаштагот #НаМегдан или преку порака до страницата на Facebook. Ние секојдневно ќе ја ажурираме листата на поддржувачи. Но, сите имаат право да постават прашање, а не само оние кои се изјасниле како поддржувачи на иницијативата. На крајот, оваа иницијатива нема да даде „шарен печат“ на кој било од кандидатите и да повика на поддршка за некој поединечен кандидат, бидејќи таквото нешто е спротивно на принципите за кои се боревме. Наместо тоа, ќе понудиме приказ на тоа кој кандидат кои прашања ги одговорил или избегнал да ги одговори. Така, секој од нас ќе може да донесе одлука врз основа на сопственото убедување и врз основа на тоа што за него или неа претставуваат вредностите и принципите на Шарената Револуција.
Ајде #НаМегдан, другари!
Поддржувачи на иницијативата:
Ирена Стеријовска
Гоце Mаркоски
Јасмина Голубовска
Ана Кркулевска
Тони Попоски
Јаков Спасов
Никола Писарев
Елена Фиданска
Замир Мехмети
Лазар Симеонов
Душан Стојчев
Алек Гочев
Александар Богоевски
Гуѕим Нухиу
Павле Богоевски
Владимир Кочовски
Јане Ѓорѓиоски
Виолета Ѓорѓиевска
Сашо Трајковски
Бојан Ѓуретановиќ