Шарената револуција е состојба на умот за правда, не супститут на СДСМ против ВМРО –ДПМНЕ

by Фокус

Кирил ЕФРЕМОВСКИ

Шарената револуција своето име го доби спонтано на социјални мрежи. Исто како што и во 2011та #Протестирам почна спонтано и масовно да се користи на Твитер, а се потоа е само блиска историја. Сите овие граѓанско политички акции почнаа уште во 2009 година со првиот посериозен протест на „Архибригадата“ и неколкумина организации и активисти против проектот „Скопје 2014“.

Веќе петта година по ред под девизата “Нема правда нема мир“, се одвива новата морална обнова на умот на граѓанинот, а со тоа и на системот во Македонија. Можеби бавно во контекст на дневно политичките настани, но во историски и социолошки рамки тој процес на будење и катарза на умот кај поединецот, а при вакви општествени констелации и режим, од друга страна најважен за демократијата како целокупен процес.

Шарени по многу основи, а сите со една цел, граѓаните симболично фрлајки балони со бои, покажуваат одважност и храброст, тие се борат за она што насилно им е одземено, узурпирано и украдно. Овие пролетни протести и Шарената револуција се крик за еманципација на умот, тие се изблик на измешани чуства, од револт, јад и чемер, до пркос, храброст и знаење. Не, ние повеќе не ви се плашиме! Ние сакаме демократија и слобода! Ние сме граѓаните на оваа земја, и тука првенствено сме како такви, а потоа како припадници на една или друга партија, или пак сосема непретставени од никого.

Боите на Шарената револуција иако симболично, во преносна смисла го бојат сивилото, апатијата, кичот и тешките криминали, олицетворени во она што се нарекува груевизам, кој  пак претставува вид на општествен “топоним и синоним“ за автократијата која врхушката на ДПМНЕ и ДУИ ја наметнаа и инсталираа во општеството, тогаш кога од наводни технократи и формално преминаа во најголемите балкански автократи.

Но, не само кон Груевски и груевизмот, туку кон се она што значи ерозија на правната држава и вистинските европски вредности, промовирање на неказнивоста,  уништување на еврпското и демократското, на прогресивното, а за сметка на личното богатење и тесно партиските и фамилијарни интереси. Шарената револуција и оние кои со гордост маршираат на улиците поведени од сопствената желба и мотив, сакаат да живеат подобро, послободно и рамноправно и се против се’ она што Никола Груевски и неговата клика му го стори на ова општество и граѓаните.

ПРОТЕСТИРАМ Е КРИК ЗА ПРАВДА  И ПОДОБРО УТРЕ

Протестирам зборувајќи во прво лице еднина, говори против клиентелизмот, комформизмот и колаборационизмот, го крева гласот против “неопределеноста“ привидно обезбедени и купени со плата или хонорари од нашите пари.

Протестот на Шарената револуција има суштинска, социолошка улога за ново трезнење и општонародно будење и на оние кои крпат крај со крај, но и оние другите кои веќе “купиле“ привиден материјален мир од обезбедените тендерчиња по дискреционен пат и договор, додека целата економија крахира.

Преку шаренилото на бои секоја со посебна политичка нота, Протестирам симболично порачува дека онаа нова Македонија, која на улиците ширум државата претежно ја чинат оние родените кога и таа самата се осамостоила, треба и мора да се избори и започне еден процес каде ќе се „обојат“ неправдата со правда, неодговорноста со одговорност, неукоста и дилетантизмот со занење и професионалност, неказнивоста со казнивост и владеење на правото, а привидното античко, александризмот и кичот повторно ќе се обојат со правата историја и вистинска уметност.

Во над 14 градови ширум Македонија, со илјадници неумори граѓани, Шарената револуција четири недели континуирано порачува дека таа е онаа нова Македонија, родена во врамето на транзицијата и се бори за своето подобро утре и бара правда и подобра иднина. Колку повеќе се обидуваат да ја сатанизираат и девалвираат или присвојуваат, таа ќе биде уште посилна и единствена, затоа што Шарената револуција нужно не припаѓа кон ниту еден од четирите поглавици кои и во овие моменти тајно преговараат.

“Нема правда нема мир“ уште од 2011-та е паролата под која се бара правда, правичност и одговоност од сите нас. Протестирам не го напаѓа и Груевски, а за да го протежира Заев, туку во таа своја граѓанска борба да најде сојузник плус, со кој заеднички ќе се спротистават на целокупното општествено девастирање. И тука нема сојузници и предавници, туку замо заеднички фронт преку кој се упатуваат барањата и пораките за подобро утре. Заедничкото канализирање на тие политички пораки, треба да доведе до нормално општество, стабилна економија и враќање на изгубените вредности и морал, а не само промена на страните и груба замена на една елита со друга.

КЛУЧНИ МОМЕНТИ ЗА ИДНИНАТА

Додека во овие клучни моменти се преговараат најважните детали за тоа како политичката криза ќе престане, дали и каква седница на Собранието ќе се оддржи следните два дена, каков дил ќе направат четирите политички партии и, иако ова изледа само како голема битка меѓу двата политички џина ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, опозицијата, а особено Зоран Заев не смеат да заборават дека #Протестирам и Шарената револуција ќе престанат или ќе бидат „разоружани“ после договорот. Можеби после меѓупартискиот договор интензитетот на протестите ќе биде намален, но духот, каузата на Шарената револуција нема да се изгуби или уништи, бидејќи гласот за правда, правичност, слобода и подобра иднина со евроатлански перспективи на граѓаните е нешто што никогаш не може да престане или се задоволи. Притоа, смешни и дегутантни се полемиките и кавгите на таканеречните онлајн борци против режимот, а меѓу нив и неколку новинарски пера, кои веќе одамна калкулираат и ламентарат јавно за тоа кој е прав борец против режимот, какви бенифиции ќе добие, каква требало да биде кадровската политика откако овие „ќе паднеле“. А, патот кон таа цел, уште ниту до половина не е изоден.

Секој сериозен политичар со јасна визија, знаење и перцепција, треба да предвиди дека ако не сега, тогаш барем по две години, ќе треба поинаку да разговара или преговара со оние кои сега правдата ја бараат на улиците ширум Македонија, бидејќи тој граѓански потенцијал и политичкото во најголемиот дел од нив, за некоја година ќе се испишува поинаков ракопис и почне самиот да се претставува во институциите на системот како нова и прва мултиетничка партија во Македонија. Партија со сосема поинакви вредносни ориентири, идеологија и наратив, на оние кои се родија и учеа политика во болната транзиција.

Затоа Шарената револуција и #Протестирам, не само што не смеат да запрат, тие мораат да продолжат! И утре и во иднина, за таа иднина еден ден навистина да биде подобра.

Поврзани новости