Нема да запреме додека не се повлече аболицијата целосно, порачуваат од Протестирам најавувајќи го денешниот протест закажан за во 18 часот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство, додека од 20 часот е најавена забава насловена „Информативен разговор“ пред полициската станица „Беко“.
„Не неколку, туку сите треба да бидат предмет на истрага. Чекориме по улицата за сите кои се сомничат за криминал да бидат изведени пред суд. Парцијално повлекување на аболицијата не прифаќаме! Половична правда е неправда! Се гледаме во 18 часот. Ќе има правда, ќе има мир!“, порачуваат од Протестирам.
Целта на забавата „Информативен разговор“ пред „Беко“ е министерот за внатрешни работи Митко Чавков да може да ги праша учесниците на „Шарената револуција“ се што го интересира.
– Одиме за да се насмевнеме малку и да ги опуштиме и полицијаците. Да им кажеме и покажаме дека, иако тие носат значки и мораат да ги слушаат наредбите на Чавков, ние сме еден ентитет – се наведува на страницата на „Фејсбук“ насловена „Информативен разговор“.