Револуција е тежок збор за нашето поднебје. За револуција, простете, ама треба „мандало“! Ова што конкретно се случува во Македонија е еволуција на свеста.
Агим ЈОНУЗ
Ако некогаш и негде те прашаат што се случува во земјата твоја мила и убава, а ти немаш одговор, „не деј да се тревожиш, момчета“. Не е страшно. Немаат одговор ни поумни ни од мене, ни од тебе. Единствено не покажувај дека си збунет, затоа што ако се водиме по онаа српската „луд јебо збуњеног“, веднаш ќе забележат дека си „ебана странка“. Тие додуша многу добро знаат дека странката што е најмногу во „наведната“ е – државата, ама како и да земеш да размислуваш, колку и да си во право, правото можеш да си го ставиш во саксија и да си го полеваш со водичка наместо цвеќенце на балкон.
Деновиве, неделиве, месециве, годиниве наназад, земјата во која има најмногу самонаречени експерти по жител го запостави својот главен субјект – човекот и неговото право да биде незадоволен. Република Македонија на експертско ниво се покажа шупља како ементалер, познатото швајцарско сирење со многу дупки кои го гледаме по цртаните филмови со Том и Џери. Зашто!? Многу просто! Експертот што нема решение за проблем, не е експерт, туку само критизер, шизик на батерии, што би рекле у Чаир кај мене, а во најсимпатично одвратна смисла обичен „липицанер“ кој ги брани тезите на страната што го плаќа. Завршен пасус. Е, па сеа, „шта је – ту је“, може и ја сум еден од нив. То ти је друже судија (за мене – народе).
ФАСАДНА ШТЕТА
Мене лично ми смета податокот дека перманентно го слушаме зборот револуција, а всушност многумина поим немаат што е тоа револуција. Револуција е тежок збор за нашето поднебје. За револуција, простете, ама треба „мандало“! Ако земеме предвид дека т.н. хулигани по улици носат дечиња, бебиња, кучиња, мачиња, наместо со камења фрлаат јајца, „вапсаат“ фасади со боја која де факто прави фасадна штета, ама е безопасна по нечиј живот, тогаш мораме размислувањето да го впериме во поинаков фокус на дискусија. Што конкретно се случува?
Еве што! Ќе се задржам на „чаирскиот вокабулар“ во колумнава за да си останам доследен самиот себеси, и ќе го речам следново. Народов, како прво, е теле за револуции затоа што историолошки (зборувам за урбани револуции), нема ама баш никакво искуство. Ова што конкретно се случува во Македонија е еволуција на свеста, та затоа излезе на улица предводена и охрабрена од податокот дека државата тоне во бездна неповратно на овој начин на кој што функционира. Значи, чаирски речено, на народот веќе му е „преку такво“ да голта, да молчи и да следи како медиумите му го фарбаат секојдневието во боите на Ел Дорадо, а кога ќе се сврти околу себе, гледа дека е во кал до гуша. Подобро кажано, „на народот му пукна филмот“!
ПОЛИТИЧКО ВИНОЖИТО
Голема небулоза е да се рече дека „да не е СДСМ, не правиме ништо“ затоа што тој ист СДСМ лани на 17 мај имаше „НАРОД“, а на крајот по 60 дена „Camping Adventure“ половина (и повеќе) се прашуваа ќе има ли пак кампинг за да имаат каде да се свртат у град, без пари забава да си направат. Последните денови, најдоследните кампери почнаа да си прават „дупачка на сопствената сметка“. Исправете ме ако грешам.
Еве, јавно признавам дека јас таму од 60 дена, бев 55. „So, What“!? На крај, а за „повисоки цели“ и „знаеме што правиме“ остана работата „Шије ми га Ѓура“ до денешен ден. Лажам?! Грешам?! Туку, да ѝ се вратиме на суштината и на поентата на колумнава и да потсетиме дека овојпат носител на „Street Fight“ е движењето „Протестирам“, кое со инсталацијата на Шарената револуција донесе порака дека на народот му е веќе, не само преку глава од политичкиот естаблишмент, туку и од „бипартиска“ држава.
Дали лажам ако речам дека на улица сѐ почесто може да се чуе „море марш више и едните и другите“. На народот дефинитивно и конечно му се случува – народ! Граѓанскиот сектор сѐ повеќе зема замав и дава до знаење дека политичкото виножито не е црно-бело, туку спектар на бои. Боите на човечките индивидуални вредности, на потенцијалот на младината која соочена со изборот да бега или да се бори, на логиката дека само здрава, силна и социјално економска граѓанска заедница е излезот од агонијата, која ни ја сервираа досегашните политички „Sex’n Drugs’n Rock&Roll“-ери.
НИКУЛЦИ НА ГРАЃАНСКАТА СВЕСТ
Граѓански сектор – ајде бујрум! Што тука јас тресам, ќе праша некој. Еве што! Народе (демос), среќо моја. Душо моја напатена. Од државата си направи филм. „Од готово-вересија“. Што зборувам? Еве што. Во рацете пред дваесет и кусур години имаше нуклеарна бомба која на еден мал простор со население, кое може да го изменаџира еден добар директор на Холдинг претпријатие, можеше да пукне како чудо за позитивен пример во светот. И кој ти е бре? До кај стигна? Живееш ли подобро, посреќен ли си, по сит ли си, позгрижен ли си, „пошизик“ ли си? Каде си? А, да! На улица!
Е, па фала Богу ти текна. Сега ти останува добро да размислиш и да си го израфинираш сопствениот поим „граѓански сектор“. Единственото место каде што никој не те прашува дали си Шиптар или античко-словенски Македонец, каде што можеш да вриснеш дека сакаш држава во најмала рака „copy-paste“ Германија, дали си лев или десен, дали си комуњара или заклети комита, дали си каур или Турчин. Ти си граѓанин на современа (господ на помош) Република Македонија. И крај!
Во конусот на ситото на политичкиот живот во Македонија, неизбежно во иднина ќе мора да се избледи ликот на мегапатриотите, ултранационалистите, чуварите на македонштината и албанштината, на сите оние кои инсталацијата на современата историја ја подразбираат како модус на живот и постоење. Modus Vivendi.
БОИТЕ НА НАДЕЖТА
За’ртуваат никулците на современата граѓанска свест. Ќе треба време за да се залета, за да профункционира, за да стане сила над силите, ама нека!
Над Македонија се раѓа „ново сонце на слободата“, ама олицетворена во млади голобрадести интернет-херои и хероини кои знаат дека смислата на човекот е да живее без пранги на балканско-провинциско-автоканибалистичко небо, на кое облаците имаат тешко сивило од бремето на фалшот во интонацијата на „бранителите на историските ветерници на Дон Грујо“, на оние кои се по професија Македонци, Албанци, Срби, и по потреба камелеони.
Млади херои и хероини, кои токму добро знаат дека надвор од квадратот на хоризонтот постојат илјадници галаксии. Млади херои и хероини на кои сите безрезервно треба да им дадеме поддршка, за нивно, наше, за сеопшто добро. За сонцето и понатаму да се раѓа „над Македонија“, ама, во сите свои бои. Во боите на прогресивната рефлексија на виножитото во очите на секој еден млад граѓанин на Македонија. Во боите на надежта… на вербата!