По посетата на лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на Израел, денеска пристигна соопштение од кабинетот на вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Израел Силван Шалом. Во соопштението се вели дека се работело за куса куртуазна средба со лидерот на опозицијата Заев што е нормално за две пријателски земји.
-На средбата се разговарше за општи прашања, особено околу потребите за подобрување на односите меѓу Израел и Македонија. Министерот нагласува дека на средбата не се разговараше за било какви безбедносни или финансиски прашања, се вели во соопштението од кабинетот на Шалом, кое го пренесе израелскиот амбасадор во Македонија, Дан Орјан.
Заев по посетата на Израел, изјави дека со дел од претставниците на израелските владини служби се разговарало и за случајот со провизиите од Израел за македонски политичари при купувањето опрема за прислушување.