Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев ги негира вчерашните обвинувања на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, за доделување на субвенции по партиски клуч.
– Им стојам на располагање на сите заинтересирани, посебно на дополнителниот заменик-министер и неговите советници, и ги поканувам да дојдат на мојата фарма, да видат за што добивам субвенции. На увид ќе им бидат дадени и сите документи за висината на поддршката и начинот на добивањето, од што ќе се види кој се служи со клевети и невистини и дали е тоа вистинскиот метод за добивање политички поени – вели Шаклев.
Николовски вчера обвини дека преку преку Платежната агенција за распределба на земјоделските субвенции се распределуваат милионски суми на земјоделски субвенции на луѓе блиски до „фамилијата“.
– По налог на власта, во оваа агенција владее тишина и молк, нема отчет за ниту едно потрошено евро. А велат дека годишно трошат над 100 милиони евра пари на и од сите граѓани. Нема одговор за тоа колку субвенции добиле ЗК ПЕЛАГОНИЈА на Орце Камчев, фирмата ДУШАН ЌИРИЌ на Кире Шошев, ЗЕМСИЛ- фирма ќерка на СИЛЕКС, пратеничката од редовите на ВМРО ДПМНЕ Весна Пемова, пратеникот Крсто Муковски преку фирмата АТРИУМ заедно со фирмата ВИА ВИНАРИЈА на шефицата на кабинетот на Трајко Вељановски, Сања Спасеновска, градоначалникот на Демир Капија Трајче Димитриев, како и таканаречените лидери на земјоделците Вељо Тантаров, Никола Стаменов, Данчо Милевски и Ефтим Шаклев – рече тој.