Шајноски: Ректорот и деканот откако ги прекршија законите, сега манипулираат и со фактите

by Фокус

По целата голгота низ која поминаа тројцата доктори на науки од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски и понатаму продолжува нивната битка за правда. Еден од професорите Шајноски денеска се обрати со отворено писмо до надлежните институции. Писмото ви го пренесуваме во целост:

Случајот со тројцата професори од Економскиот факултет на штипскиот универзитет покажа појави и однесувања на кои не им е место на највисока образовна институција. Срамотно е да се зборува за противзаконско делување на Ректорот и на Деканот, за јавно изнесување на полувистини и лаги  и за невидени пропагандни манипулации со вработените и со пошироката јавност. За мене, нема цел која може да ги оправда „ваквите средства“. Тоа им оди во прилог само на оние кои сакаат да го продолжат самоволното однесување и да ја зацврстат власта која ја практицираат и надвор од законот. Врв на таквата практика е изнудувањето на повторно објавување на веќе објавени рецензии (што е надвор од законската процедура), со цел да се „купи“ време да се добијат „нарачани приговори“ за да се доведат во прашање оценките на рецензентските комисии (легално избрани и овластени да дадат предлог за избор или неизбор на кандидатите во повисоки наставно-научни звања).

„Круна“ на манипулациите е тоа што приговорите кои се објавија во последниот Универзитетски билтен (129), вријат од  полувистини и лаги, а се потпишани како „група професори“, што воопшто не доликува на универзитетска средина и едноставно преставува против законска постапка, што значи дека истите се невалидни. Со кое право се појавуваат да критикуваат, а самите да не се изложуваат на критика. Што се крие зад таквото однесување? Нема друго објаснување, освен криењето на сопствените слабости. За воља на вистината приговорите се така „аналитички и педантно“ срочени што кај неупатените и лековерните веднаш можат да побудат сомнеж. Но факт е дека плагијаторот не може да суди за трудовите на другите кои со сопствени сили и напори успеале за неколку пати да ги натфрлат минималниот број поени за избор во повисоко звање и да добијат натпросечни оцени од самоевалуацијата. Овие резултати не можат да се минимизираат со „барање влакно во јајцето“ или со „гледање на раски во туѓи очи, а не и гредите во своите“. Треба да се биде објективен. Квалитетот треба да се вреднува во контекст на вкупните остварувања на кандидатите, во споредба со остварувањата на другите во сопствената и пошироката средина. Може ли сериозно да се земат забелешките на Деканот кој тврди дека јас, кандидатот Крсте Шајноски немам скрипта од областа на финансиите, а самиот тој Фотов е рецензент на две мои скрипти: 1)Монетарна економија и 2) Девизен систем и девизно работење. Да не заборавиме дека Фотов и во двата рецензентски извештаи објавени во Универзитетските билтени 124 и 128 предлагаше јас, доц. д-р Крсте Шајноски да се изберам во вонреден професор, па потоа се „препишмани“. Очигледно се работи за човек со исклучително висок „кредибилитет“. Како може „неидентификуваната група“ да негира дека немам доволно трудови, а јас имам 10 од бараните 5 објавени во меѓународни публикации( овие факти тие што сакаат лесно и можат да ги проверат). За практикумот кој се наведува дека го немам, истиот, е изработен пред мојот ангажман како доцент на Економски факултет – Штип и се користи во наставата скоро 5 години. И покрај фактот што правилникот не бара  практикумот  од областа да биде рецензиран, истиот е рецензиран од проф. д-р Владимир Кандикјан и проф. Д-р Благоја Наневски и е со обем од 190 страни што е неколку кратно пообемен од практикумите кои вообичаено се издаваат во нашата институција. Гревот дека меѓународните проекти на кои работам не се објавени на е-репозиториум ( дел од сајтот на Универзитетот) е толку голем што навистина јас како „неранимајковец“ веднаш треба да бидам санкциониран и да бидам отстранет од своето работно место. Да не беше жално, ќе беше комично, но тоа е …., а секако дека несмее да остане и незабележан фактот дека после приговорот од „групата професори“, прв за одговор (иако одговорите треба да бидат на комисијата , а не на поединци) и тоа под „Предмет: Прифаќање на приговорите од групата професори “ се јавува деканот (кој е трет член на Рецензентската комисија, а дури после него се објавува дописот на претседателот на Рецензентската комисија и првиот член без вклучување на „Предмет: Неприфаќање на приговорите од групата професори“. Немерата е  повеќе од јасна.

Врв на ректорското самоволие и на непознавање на правната регулатива за избор во повисоки звања, па дури и погрешно читање на законските параграфи, е објавата на јавниот повик од страна на Ректорот до „штрајкувачите“ дека тој ќе го смени Деканот доколку кандидатите ги исполнуваат законските услови, особено барањата од членот 125. И за да изгледа „пострашно“ тој свесно врши погрешно расчленување на ставот кој може да биде избран за вонреден професор. Јасниот став дека за вонреден професор може да биде избрано лице кое има „објавени најмалку пет научноистражувачки трудови во соодветната област во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации или три научни труда во научно списание со импакт фактор во последните пет години“ јавно го протолкува како обврска за објавување на пет труда во меѓународни научни списанија, пет труда во меѓународни научни публикации и три научни труда во научно списание со импакт фактор. Наместо како алтернативи поради ИЛИ-ИЛИ, тој ставот го прочита како И-И, со очекување дека кандидатите не се во можност толку да објават. Очигледно, добро го оцени обемот, но лошо прочита колку од тоа се бара да се оствари.

Грешката на Ректорот веднаш ја забележавме, но од учтивост не реагиравме (кога јавно го објави огласот) иако со неговата логика не може да убеди ниту студент на прва година на правен факултет. А би сакале да видиме кој судија може да даде поддршка на такво толкување на споменатиот став за избор во вонреден професор.

Нема сомнение дека дел од јавноста се расколеба во мислењето за оправданоста на „борбата за правда на професорите“, бидејќи Ректорот јавно бара тие да покажат дали имаат се’ што бара законот, се разбира, вклучувајќи и три труда во научно списание со импакт фактор. Не знаеме дали тој навистина верува во потребата да се задоволи и тој услов или е тоа само пропаганда  да се убеди јавноста во  исправноста на неговите постапки, независно што е свесен дека за изборот на вонредни професори тоа не е пресуден услов. Но, како и да е, тој барем јавно го покажа своето (не)разбирање и погрешно читање на законот. И срамот е негов.

Што да се каже за анонимните автори на приговорите на рецензиите кои „потпаднаа„ под таквата пропаганда  и се „фатија на јадицата“ на Ректорот. Во трите приговори  „групата професори“ ни забележува дека немаме три научни труда во научно списание со импакт фактор, иако имаме повеќе од пет труда во меѓународни научни публикации. И тоа го третираат како главна причина да не можеме да бидеме избрани во повисоки звања. Ако може да се разбере правната неписменост на земјоделски стручњак, нема никакво оправдување за „групата професори“ од Економски факултет во Штип. Тоа веднаш имплицира неколку прашања: Како да им се верува на нивните забелешки кога не го разбираат значењето на ИЛИ-ИЛИ и И-И? Како, пак, тие можат да разберат дека научно-истражувачката работа не е само работење на платени проекти, туку и изработка на сопствени истражувања со кои се унапредува наставата и се остварува поширока научно публицистичка активност? Можат ли да разберат дека нема современа настава, ниту корисно учество на професорите во јавниот живот без постојано истражување на современите текови? И колку е професорот професор доколку не е во состојба јавно да се бори за сознанијата до кои дошол во сопствените истражувања?  И, има ли тој сознанија, доколку не ги изложува јавно?

Се надевам дека наставно научните работници на факултетот ќе ја сфатат заблудата на  Деканот и Ректорот за бројот на трудовите согласно карактерот на списанијата во кои се објавени и дека ќе го променат својот став во однос на колегите кои очекуваат избор во повисоко звање.

доц. д-р. Крсте Шајноски „Економски факултет“ – Штип

Поврзани новости