Шахпаска за градинките: Во групите до две години треба да има шест деца, а кај поголемите до 15 деца

by fokus

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска изјави дека установите за згрижување и воспитување се подготвени на 9 септември да ги примат децата согласно здравствените протоколи. Сите установи во земјава согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија имаат капацитет да примат 19 илјади деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.

– Анализата на податоци од градинките покажа дека тие се подготвени наредната среда на 9 септември да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата согласно утврдените протоколи. Приоритет за посетување градинка ќе имаат децата на самохрани родители или на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работата не може да ја извршуваат од дома. Согласно протоколите за работа градинките имаат капацитет да згрижат 19 илјади деца, но интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца, истакна на денешната прес-конференција министерката Шахпаска.

Таа појасни дека доколку градинките имаат повеќе слободни места односно согласно критериумите од протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните, тогаш можат да прифатат други деца кои се запишани во градинката. Согласно протоколите, групите до 2 години треба да имаат максимум шест деца за кои ќе се грижат двајца вработени, а групите од три години па нагоре, најмногу 15 деца за кои ќе се грижат двајца вработени.

Шахпаска информира и дека Владата им препорачала на општините да обезбедат или адаптираат дополнителен соосдветен простор ако за тоа има потреба, како и соодветен кадар за временскиот период за време на траењето на пандемијата ако градинката има потреба, со цел, како што рече, да се обезбеди непречено функционирање.

Според министерката Шахпаска доколку во една градинка е исполнет капацитетот детето може да биде згрижено во друга градинка каде има слободно место, но само во рамки на иста општина.

Поврзани новости