Министерството за труд и социјална политика нема испратено допис за промена на работно време на вработените во градинките, вели министерката Јагода Шахпаска откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура реагираше дека на негувателките и воспитувачките наместо шест односно седум часа, наложено им е да работат фиксно осум часа.
-Нема зголемување на работното време и сѐ е согласно закон и никој не дал насока да се крши тоа право. Министерството нема испратено никаков допис во кој наведува или дава насоки за прекршување на правата на вработените во градинките. Апсолутно се работи според закон и колективен договор. Како министерка за труд и социјална политика, одговорно тврдам дека не се работи за никакво кршење на работничките права вклучително и за вработените во градинките. Се работи согласно закон и согласно колективен договор. Нас основна цел во периодот кога целиот свет се соочува со пандемијата со Ковид-19 нас како држава ние да се грижиме за безбеден престој на најмладите во градинките, рече Шахпаска.