Шахпаска и Филипче до родителите на мали деца: Логично е да се вратите на работа по отворање на градинките

by Фокус
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче вечерва во Владата остварија средба со дел од родителите, кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство и кои реагираа на владината одлука сите родители од 0 до 6 години да се вратат на своите работни места поради тоа што градинките стартуваа со работа на 9 септември.
„Двајцата министри им пренесоа дека Одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој на минимум го сведува ризикот од ширење на КОВИД-19. Оттука логично е после отворањето на градинките, родителите да се вратат на работниот процес“, соопштија од владата.
Претставничките на дел од родителите информираа дека стравуваат за здравјето на нивните деца и затоа сакаат да го одложат тргнувањето на нивните деца во градинка до почетокот на идната година.
„Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес“, истакнал Филипче.
Од друга страна, Шахпаска информирала дека во градинките, според информациите од терен, има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.

Поврзани новости