Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска, на првиот работен ден од преземањето на оваа функција, оствари средба со претставници на синдикатите во државата, на која се разговараше за досегашните политики и мерки кои се во надлежност на ова Министерство, а се однесуваат на унапредување на правата на работниците, почитување и нивна заштита, соопшти МТСП.
Министерката Шахпаска на средбата посочила дека средби од ваков вид се мошне значајни, со оглед на тоа што, како што посочуваат од Министерството, синдикатите како претставници на работниците ги застапуваат нивните потреби, барања, права и оттука потребата од социјален дијалог е и повеќе од нужна.
-Еден од Законите кои ќе го одбележат периодот на менаџирање со Министерството за труд и социјална политика ќе биде Законот за работни односи, како системски закон, кој последен пат е донесен 2005 година и иако до денеска има претрпено измени, покажа бројни слабости за проблемите со кои се соочуваат работниците, истакна Шахпаска.
Таа посочува и дека во социјалниот дијалог ќе бидат вклучени и работодавачите како партнери.
-Во време во кое се соочуваме со корона кризата која има сериозен импакт и во економијата, а се соочуваат сите земји во светот без разлика колку моќни економии биле, приоритет на нашата Влада е зачувување на секое работно место, силна поддршка на компаниите како најпогодени од кризата, вели министерката Шахпаска.
Двете страни се согласија за целосна соработката во периодот кој следува, низ дијалог, размена на идеи и решенија за предизвиците со кои се соочува оваа област.