Основните училишта „Киро Глигоров“ и „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје официјално стануваат првите две основни училишта кои го воведуваат шахот како редовен предмет од прво до четврто одделение: Во четири одделенија е воведен во училиштето „Киро Глигоров“, како и во четири одделенија во „Ѓорѓија Пулевски“.
-Има уште голем број на наставници и наставнички кои нè контактираат и имаат желба што поскоро да почнат. Правиме напори на сите навремено да им одговориме и да им помогнеме во имплементирањето на шахот како предмет во училиштата. Се надеваме дека наскоро ќе можеме да се пофалиме со многу поголем број училишта во кои децата може да се запознаат со тајните на шаховската игра, соопшти Шаховската Федерација на Македонија.
Поминаа три месеци откако МОН ја одобри наставната програма кадешто сега е додаден шахот како предмет, за што ШФМ изразуваат голема благодарност за директорите, како и за наставниот кадар кои ги препознале придобивките за децата од изучување на шах и се вклучиле во реализација на проектот.