Речиси, 77.000 евра ќе плати скопската Клиника за гинекологија за приватното обезбедување што е ангажирано да го обезбедува објектот, откако во последните неколку години во јавноста излегоа информации за напад врз лекари и медицински персонал.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, Гинеколошката клиника веќе два месеци ја обезбедува фирмата Секјурити Груп Сервисис (СГС), која ја дала единствената понуда на тендерот. Договорот со СГС бил склучен на 7 август, годинава во вредност од 76.747 евра, а како главен критериум за избор на оваа фирма се наведува најниската цена.
Клиниката за гинекологија не е единствената болница која ја обезбедува фирмата СГС. Според податоците на БЈБ, Здравствениот дом во Крива Паланка со истата фирма склучил договор на 19 април, 2013 година, но уште почудно е тоа, што таму воопшто не пишува колку фирми учествувале на тендерот. Единствено се наведува, дека главен критериум за избор на оваа фирма е најниската цена, чија вредност изнесува 57.560 евра.
Во тој период, јавноста се крена на нозе, а социјалните мрежи вриеја, откако опозицискиот СДСМ излезе со обвинувања дека болницата се распаѓа, а менаџментот и првиот човек во здравството, Никола Тодоров потрошиле 60 илјади евра за обезбедување на редот и мирот на пациентите и лекарите.
Неколку месеци подоцна, на 6 декември, 2013 година, Општата болница во Велес, исто така склучила договор со СГС за обзбедување на објектот во вредност од 35.000 евра. На тендерот учествувала само една фирма, а главен критериум била најниската цена.
Пред неколку месеци, во април, опозицискиот СДСМ објави „бомба“ во која тврдеше дека зад фамозната фирма СГС стои поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Тие на прес-конференција во Кавадарци обелоденија повеќе аудио – снимки со кои тврдат дека се докажува дека Мијалков е газда на агенцијата за обезбедување, која според нив, добивала милионски суми од владата на Никола Груевски.
Дополнително на ова, беше објавен разговор меѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“ откако СГС почна да работи со полна пареа.
Исто така, пред повеќе од една година, од СДСМ излегоа со фрапантни податоци за десетици милиони евра кои отишле на контото на СГС, за добивање државни тендери за обезбедување. Дамјан Манчевски, потпретседател на најголемата опозициска партија, повикувајќи се на Бирото за јавни набавки, обвини дека оваа фирма за само една година склучила 28 договори за обезбедување на министерства, јавни претпријатија и училишта тешки неколку милиони евра. Од добиените 28 тендери, според тврдењата на Манчевски, СГС дури 20 пати била единствен понудувач.