СГС повторно ја обезбедува скопска Гинекологија

by Fokus

Речиси 76.000 евра ќе потроши скопската Клиника за гинекологија за физичко обезбедување што е ангажирано да го обезбедува објектот, откако веќе неколку години на клиниката имаше нападнати лекари и медицински сестри. Клиниката само еден месец остана без физичко обезбедување, откако лани фирмата Секјурити Сервис Груп (СГС) ја обезбедуваше цели 12 месеци.

Луѓето облечени во униформи со знакчето на СГС можат да се сретнат уште на влезот на клиниката, каде според досегашната пракса не смее да помине никој без нивна контрола – од тоа каде одат, до кога ќе се задржат и за какви потреби.

Според податоците што можат да се најдат на Бирото за јавни набавки, на тендерот се пријавиле три фирми за обезбедување, од кои СГС по втор пат ја добива можноста да ја обезбедува клиниката, за што како главен критериум се наведува најниската цена. Новиот договор со СГС бил склучен на 25 октомври, годинава во вредност од 75.904 евра.

Пред само една година, Гинеколошката клиника исто така имаше склучено договор со истата фирма, чиј тендер тогаш тежеше речиси 77.000 евра. Само разликата е во тоа што, тогаш на тендер тоа била единствената понуда.

Фирмата за обезбедување СГС нов договор склучила и со општата болница во Велес. Договорот бил склучен на 14 март, годинава во вредност дупло пониска од Клиниката за Гинекологија за 34.191 евра. Според податоците на БЈБ, на тендерот имало две понуди, а главен критериум за избор на СГС била најниската цена.

Пред повеќе од една година, во април, опозицискиот СДСМ објави „бомба“ во која тврдеше дека зад фамозната фирма СГС стои поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Тие на прес-конференција во Кавадарци обелоденија повеќе аудио – снимки со кои тврдат дека се докажува дека Мијалков е газда на агенцијата за обезбедување, која според нив, добивала милионски суми од владата на Никола Груевски.

Дополнително на ова, беше објавен разговор меѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“ откако СГС почна да работи со полна пареа.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости