„Северномакедонци“ е ненамерна грешка, тврдат од Кабинетот на Макрон

by fokus

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска оствари телефонски разговор со Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, од каде доби уверување дека при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија е направена ненамерна грешка, информира Министерството за надворешни работи.

Според МНР, при разговорот на Османи му е потврден официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како што тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.

Реакцијата следи по изјавата на францускиот претседател Макрон на прес-конференцијата по Самитот на ЕУ во Брисел минатата недела кога ја употреби придавката „Северномакедонци“.

– Машината е подготвена за да се одобри тоа што ќе биде одлучено. Ова е многу добар сигнал. Сакам да му честитам на бугарскиот премиер и опозициските сили кои се здружија околу ова гласање, но и да им се заблагодарам на „Северномакедонците“ за нивниот напредок, рече Макрон, поздравувајќи ја одлуката на бугарското Собрание за прифаќање на „францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот пат на земјава.

 

Поврзани новости