Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ оценува дека на Македонија никогаш во нејзината историја не ѝ недостасувале „инвентивни, креативни и храбри” кадри, и истовремено бара да се зајакнат идентитетот и припадноста на етничките заедници во Република Македонија.
Од Фракцијата велат дека во новата преамбула на Уставот етничките заедници треба да бидат определени како Севреномакедонски Албанци, Северномакедонски Власи, Северномакедонски Срби, Северномакедонски Роми, Северномакедонски Турци, Северномакедонски Бошњаци и други.
„Зоран Заев, еден од генерацијата најинвентивни и најкреативни кадри, постојано повторува дека со новото уставно име Република Северна Македонија ќе сме го зајакнале нашиот македонски идентитет!? Кога е веќе толку настојчив во убедувањето, му даваме шанса во овие историски моменти да не биде егоистичен и истата шанса да им ја понуди и на припадниците на етничките заедници во нашата држава. Потребно е неговата широкоградост да ја покаже на дело и да се обиде да го зајакне нивниот идентитет и припадност поради нивната здушна и безрезервна поддршка на неговите постапки и политики“, велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, согласно со договорената промена на преамбулата на Уставот на Република Македонија му предлагаат реченицата „граѓаните кои живеат во Република Македонија, а се делови од албанскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, турскиот народ, бошњачкиот народ и другите” во новата преамбула на Уставот на Република Северна Македонија да бидат определени како: Северномакедонски Албанци, Северномакедонски Власи, Северномакедонски Срби, Северномакедонски Роми, Северномакедонски Турци, Северномакедонски Бошњаци и други”.
„Ова го бараме поради фактот што граѓаните на една држава и во победите и во поразите мора да бидат сложни и единствени, а успесите и дебаклите мора и треба да ги поднесуваат солидарно и подеднакво. Само на тој начин ќе ја зајакнеме нашето заедништво и соживот и вербата дека се грижиме и мислиме еден за друг. Од друга страна, тоа ќе придонесе во меѓународната јавност припадниците на овие заедници полесно да се идентификуваат како припадници на државата во која живеат“, пишува во соопштението од Фракцијата.