Северна Македонија е умерено подготвена за влез во ЕУ

by Fokus

Умерено подготвена во поголемиот дел од политичките критериуми и добро подготвена во делот на економските критериуми. Ова е оценката на Европската комисија за Македонија во најновиот Извештај за напредокот на земјава кон ЕУ, кој еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи го презентираше денеска при што во делот за политичките критериуми се наведува дека земјава продолжила со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај некои предизвици.

Почетокот на скрининг процесот како прва фаза од преговорите и македонската поддршка за санкциите против Русија по нејзината инвазија врз Украина и донесе на земјава позитивна оценка од ЕУ.

Но во европскиот извештај за напредокот на Македонија Европската комисија повторно најде забелешки за имплементацијата на законите, нарушената работа на Собранието, но и потребата од поголема транспарентност при носењето државни одлуки.

Во извештајот на ЕК за Македонија, а беше презентиран попладнево пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент е динствено во економските критериуми е наведен добар напредок, додека во усогласеноста на земјава со европската надворешна и безбедносна политика се посочува дека има многу добар прогрес.

Како што истакна еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, земјава има стабилен прогрес, но мора да продолжи борбата против корупцијата, заедно со областа на реформата на јавната администрација.

-Северна Македонија покажа одлучност и направи стабилен прогрес во имплементација на ЕУ реформите, но земјата мора да ја задржи брзината и искористи скрининг процесот за да ја забрза имплентацијата на ЕУ реформите, истакна Вархеји.

Тој го нагласи усогласувањето на земјава со ЕУ санкциите кон Русија, кои беа воведени од земјите членки на ЕУ поради руската воена инвазија во Украина.

-Со тоа, Северна Македонија покажа одлучност за европскиот пат како доверлив партнер, истакна Вархеји.

Во извештајот се констатира дека Охридскиот договор се спроведува, а меѓуетничките односи се стабилни. Исто така стои дека граѓанското општество игра важна улога во процесот на донесување одлуки , ама е потребна е поголема транспарентност и инклузивност во носењето одлуки. Посебна забелешка има за нарушената работа на Собранието поради политичката поларизација.

-Потребни се решителни напори за да се изгради динамика за реформи и придвижување во процесот на преговори со ЕУ. Потребен е особен фокус за да се обезбеди ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо да се покренуваат ад хок иницијативи, стои во извештајот.

Македонија во моментов вежба да биде земја членка, односно се наоѓа во задолжителна фаза од патот кон Европската унија (ЕУ), што се нарекува скрининг. Првиот дел е т.н. објаснувачки скрининг, како еден вид семинар на кој тимот на ЕУ на македонската администрација и кажува што содржи поглавјето за кое се преговара. Во втората фаза, следи билатерален скрининг кога македонскиот тим ќе се вклучи подиректно и ќе кажува што сме направиле, каде има разлики и што планираат да прават.

 

Поврзани новости