Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол пристигна денеска во Токио, што е првата посета на Јапонија на јужнокорејски претседател во последните 12 години.
Неколку часа претходно, пак, Северна Кореја истрела балистичка ракета.
Јун сака да ја искористи својата посета на Токио за да најде заеднички јазик со Јапонија во време на зголемени тензии во регионот.
Јун попладне ќе се сретне со јапонскиот премиер Фумио Кишида, со кого, во светло на севернокорејските нуклеарни и ракетни закани, најверојатно ќе се согласи да ги обнови билатералните безбедносни разговори, последен пат одржани во мај 2018 година, со претставници од министерствата за одбрана и надворешните работи.
Двајцата лидери ќе се обидат да го остават зад себе долгогодишното непријателство што произлегува од јапонската окупација на Корејскиот полуостров од 1910 до 1945 година.
-Во овој момент постои зголемена потреба Јужна Кореја и Јапонија да соработуваат – рече Јун, нарекувајќи ги нуклеарните и ракетни закани на Северна Кореја и прекините на синџирот на снабдување поликриза.
Пред посетата на јужнокорејскиот претседател на Токио, Северна Кореја истрела балистичка ракета со долг дострел, која падна во морето меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија.