Северна Кореја повторно лансираше балистички ракети

by Фокус

Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети, вклучително и проектил кој активираше предупредувачки сирени во делови од централна и северна Јапонија, соопшти денеска Токио.

Официјални лица во Јужна Кореја и Јапонија изјавија дека ракетата можеби била интерконтинентална балистичка ракета, оружје со долг дострел дизајнирано да носи нуклеарна боева глава на другата страна на планетата, пренесува Ројтерс.

Владата на Јапонија првично објави дека ракетата ја прелетала територијата на земјата, што подоцна беше демантирано.

Јапонскиот министер за одбрана Јасуказу Хамада рече дека владата ја загубила ракетата од радарот над Јапонското Море, додека јужнокорејските власти рекоа дека интерконтиненталната балистичка ракета направила „неуспешен лет“.

Јоџи Кода, пензиониран вицеадмирал и поранешен командант на флотата на Јапонските поморски сили за самоодбрана, рече дека загубата на ракетата од радарот укажува на неуспешно лансирање.

-Тоа значи дека во одреден момент на патеката на летот имало некаков проблем и ракетата всушност се распаднала – рече тој.

Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот тим ја „проценуваат ситуацијата“, додавајќи дека Вашингтон ќе ги преземе „сите неопходни мерки“.

 

Поврзани новости