Северина дочекана со банани, јаболка и портокали во кабинетот на Бочварски: Наредната недела да ме поканите заедно со мајка ми!

by Fokus

-Да не шпекулираме со бројките, но ова беше инвазија од народ, цели колони автомобили чекаа за влез во градот за време на настапот на Северина – вели Кирил Панајотов, организатор на традиционалната манифестација ,,Штипска пастрмајлијада 2018”, по повод вчерашниот концерт на популарната хрватска музичка ѕвезда во Штип.

Северина пристигнала во Штип вчера, во 17 часот, по што ја примил градоначалникот Благој Бочварски во својот кабинет. Била дочекана со свежо овошје, банани, јаболка и портокали, за добредојде, а градоначалникот сподели фотографии од средбата на социјалните мрежи.

По успешниот настап вчера пред преполниот плоштад, таа денес во 11 часот си заминала во Хрватска, порачувајќи им на организаторите дека очекува повторно да ја поканат, по наредната недела, но не како изведувач, туку како дел од публиката на фестивалот на забавни мелодии ,,Макфест 2018”.

-Интересот на јавноста за Северина беше на едно високо ниво, народ од сите краеви дојде да го проследи нејзиниот настап. Таа беше доста расположена и пријатна, и ни откри дека секогаш, уште од времето кога била дете го следела ,,Макфест”.

Нејзиниот град Сплит и Штип се збратимени, тие го имаат Сплитски Фестивал, и ни раскажа дека се сеќава на настапите на речиси сите пејачи од Хрватска кои гостуваа на нашиот фестивал во минатото.

„Многу ни беше драго кога изрази желба да ја поканиме на ,,Макфест,, кој ќе се одржи по наредната недела, односно на 4-ти, 5-ти и 6-ти октомври. Она што ни го потенцираше е дека сака да дојде заедно со мајка и, и двете да бидат дел од публиката на музичкиот настан кој многу го ценеле – во телефонски разговор за ,,Фокус” откри Панајотов.

Сепак, она за кое изминатиов период се коментираше и шпекулираше во јавноста, е за колкав хонорар пееше Северина во Штип, на што организаторот нема одговор. -Има многу шпекулации околу висината на хонорарот на Северина, но не е во мој домен да коментирам на темава – порача тој.

Вечерва, на последниот ден од манифестацијата, настапуваат Либеро бенд, Мирза Селимовиќ и Амадеус бенд.

Вики Клинчарова

Поврзани новости