И покрај лошите пласмани во изминативе години, Македонија ќе учествува на музичката манифестација Евровизија 2019, која ќе се одржи во Тел Авив, Израел.
Информацијата е објавена на официјалната страница на МРТ, во предлог годишната програма на јавното радиодифузно претпријатие Македонска Радио Телевизија за 2019 година.
-Програмата на Македонската радио телевизија во 2019 година ќе биде одбележана и со учеството на Изборот за песна на Евровизија 2019 година каде што ќе бидат презентирани македонските музички вредности преку песната – учесничка на овој фестивал – наведено е во програмата.
Околу тоа по кој принцип ќе се избира нашиот музички претставник на Евровизија, дали повторно ќе одлучува жири комисија од МРТ или пак по фестивалски пат, нема информација. Лани, Македонија со претставниците ,,Ај кју’’ и песната ,,Lost and found’’ заврши на претпоследното место на првата полуфинална вечер на 63 –то издание на Евровизија, на кое победата ја однесе Нета од Израел, со песната ,,Тоу’’.
Но, иако не влеговме во финале, сепак освоивме прво место на БДА, односно ја освоивме наградата Барбара Декс, која што уште од 1993 година им се доделува на најлошо облечените учесници на Евровизија. Веќе неколку години наназад, поради лошите пласмани на нашите учесници, по секоја Евровизија на социјалните мрежи се искажува незадоволството, а лани во повеќе наврати се бараше одговорност од нашата евровизиска делегација.
Многу јавни личности апелираа за нов состав на делегацијата, кој ќе донесе нови идеи, креативност и софистицираност на сцената. Околу шпекулациите дека за настанот се располага со буџет од неколку стотици илјади евра, никој од надлежните не сакаше да коментира и да ја открие точната сума, па чести беа и коментарите парите да се пренаменат за лекување на болни деца.
Инаку, Македонија лани по шести пат остана без финале на музичкиот настан.
Вики Клинчарова