Сестрата на Ким Џонг-ун им се заканува на САД: Подготвени сме за акција од големи размери

by Fokus

Ким Јо Јонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, денеска на државната телевизија објави дека нејзината земја е подготвена да преземе „брза, голема акција“ против САД и Јужна Кореја во секое време.

„Демонстративните движења на армиите на САД и Јужна Кореја, како и нивната реторика, која е толку избезумена што повеќе не можеме да ја игнорираме, несомнено создаваат услови за Северна Кореја да преземе акција против нив“, рече Ким Јо Јонг, пренесе АП.

Таа не прецизираше какви дејствија може да преземе Пјонгјанг.

Со оваа изјава Ким Јо Јонг реагираше на вчерашните заеднички воени вежби меѓу Вашингтон и Сеул, во кои беше вклучен и американскиот стратешки бомбардер „Боинг Б-52“.

Во слични ситуации во минатото, Северна Кореја најмногу реагираше воено со тестирање на интерконтинентални балистички ракети, кои секогаш завршуваа во водите меѓу Корејскиот Полуостров и Јапонија.

Поврзани новости