Синоќа во просториите на 1ТВ се случил насилен упад, кога четири лица и покрај затворените капии успеале да влезат, барајќи го водителот Сергеј Варошлија. Од телевизијата информираат дека им биле јасни нивните насилни намери, па откако побарале помош, лицата побегнале.
Сметаат дека станува збор за планиран напад, кој можел да има сериозни последици, и случајот веќе го пријавиле во полиција.
-Четири лица на возраст од околу 25 години првично се претставија како негови роднини, но нашите вработени го забележаа нивниот очигледен револт, а сомнително беше и тоа што бараа негов телефонски број како и времето кога доаѓа и заминува нашиот колега.
Очигледни беа нивните насилни намери, поради што нашите вработените побараа помош, а лицата кои упаднаа избегаа од телевизијата – известуваат од 1ТВ, осудувајќи ги обидите, како и повиците за линч или насилство врз водителот Сергеј Варошлија, поради коментарите во неговото шоу „Студио Мода“.
Варошлија во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека е згрозен од чинот. Додава дека кај нас, за жал се прави драма од се и како во 21-от век се уште живееме во едно заостанато општество.
-Бизарно е да се прави драма од се. Никако да се научиме да почитуваме различни мислења и ставови. За жал, тоа е одлика на едно заостанато општество, па еве дури и во овој период, пред референдумот, луѓето се занимаваат со мене. Згрозен сум од чинот, и како многу пати до сега во мојата емисија, еве пак ќе повторам, живееме во 21 – ви век, а никако да научиме некои работи. Верувам дека надлежните органи наскоро ќе го расчистат случајот – изјави познатиот стилист и водител.
Откако пред извесен период се врати на сцената со неговото модно шоу ,,Студио мода” каде дели модни совети и критики, тој често е на мета на ,,критикуваните”. И покрај тоа што секоја фотографија која што ќе се објави на социјалните мрежи станува на некој начин јавна, сепак, факт е дека малкумина од оние кои се нашле на тапает кај стилистот, можат да прифатат критика на своја сметка.
Пофалените молчат, критикуваните се жалат дека фотографиите кои ги објавуваат на социјалните мрежи не смеат да им се користат јавно, во емисија, ниту пак било кој смее да го коментира нивниот моден стајлинг.
Во повеќе наврати дел од ,,критикуваните” упатија навреди кон Варошлија на социјалните мрежи, потврдувајќи го непишаното правило кое владее кај нас – Прифаќаме само фалби, на критиките возвраќаме со навреди и повици за линч.
Вики Клинчарова