Како да го протолкувам молкот за најавената посета на Тереза Меј, ден по разговорите Заев-Ципрас. Да, Тереза Меј доаѓа во Скопје. Но, најважното прашање е зошто доаѓа?
Пишува: Денко Малески
Кога највисоките претставници на големите сили не заобиколуваа, некогаш само на неколку километри од нас, во посета на околните балкански држави, телефонот не прекинуваше да звони. Новинарите сакаа да го слушнат одговорот на она што веќе го знаева: зошто никој од Европа и од Америка не доаѓа во Македонија. Не доаѓаат затоа што со нашата државна политика се одалечуваме од нив, наместо да им се доближуваме, би бил сумарниот одговор на бројните кажувања што сум ги давал изминатава деценија.
Сега, кога нашата државна политика им оди во пресрет на западните демократии, како да се плашиме од средба со британската премиерка. Како поинаку да го протолкувам молкот за најавената посета на Тереза Меј, ден по разговорите Заев–Ципрас. Да, Тереза Меј доаѓа во Скопје затоа што, со нашето домашно и меѓународно поведение, им одиме во пресрет, па тие, во знак на солидарност, ни возвраќаат.
Се прашувам дали воопшто сме свесни за важноста од оваа посета во време кога, со Брегзит, проблемите во сопствената партија и сите светски грижи кои се на масата на британската премиерка, таа доаѓа во Скопје. Но, најважното прашање е зошто доаѓа?
Одговорот е едноставен: за да помогне да ги направиме последните пресудни чекори кон НАТО и кон ЕУ, за да не застанеме. А, ако решиме да го сториме тоа, имено, да застанеме, да бидеме свесни за последиците кои ќе ги почувствува нашата држава и нашите народи.
Зашто, искушенијата да се застане се големи. Грција високо ја крена цената за компромис,толку високо што, практично, ги ослободи нашите политичари од обврската која ја зедоа пред својот народ да испорачаат договор и влез во НАТО и ЕУ. Ако се решат да одолеат и на меѓународниот притисок, домашните политичари повторно се на безбедно и можат да продолжат со своите кариери, до пензија да бараат решение за спорот со Грција.
Министерот за надворешни работи на Македонија денес зборува за тоа дека чуда се можни, па и чудото да се реши спорот. Не, со сета должна почит, чуда не се можни. Можно е само решение кое ги зема предвид домашните и меѓународните реалности денес и сега. Државниот врв на Македонија треба многу внимателно да слушне што ќе им рече британската премиерка за да не пропушти да го „јавне бранот“, затоа што веќе утре, повторно ќе се загуби интересот за Македонија.
Инаку, повикот да се „јавне бранот“ ни беше упатен од еден од нејзините претходници, премиерот Џон Мејџор, на средбата со претседателот Киро Глигоров во 1993 година, во Даунинг стрит 10. Но, тоа беа тешки почетоци на нашата државност со застрашувачка националистичка реторика која заврши со атентат врз претседателот. Таква реторика нема денес.
Имаме триесетгодишно искуство во меѓународната политика зад себе. Народот е далеку поинформиран. Потребно е само да се постигне единство на сите загрижени за судбината на Македонија и да се направи чекорот напред.Тереза Меј, со сета моќ и целиот нуклеарен арсенал кој стои зад неа, тоа нема да може да го стори место нас. Само ние сме одговорни за нашата судбина.