Веќе три дена семејството на 28-годишната Марија Брзакова од село Босилово живее во агонија, откако младата жена излегла од дома во саботата, во раните утрински часови, и и се изгубил секаков траг.
Нејзиното исчезнување го пријавиле во полиција, но апелираат до сите граѓани кои можеби ја забележале или пак имаат било какви сознанија околу тоа каде би можела да биде, веднаш да ги известат.
,,Фокус” стапи во контакт со нејзината мајка Валентина. Вознемирена, во телефонски разговор таа ни кажа дека сите се во шок, бидејќи Марија била семејна жена, сопруга и мајка, и никогаш во минатото не се случило нешто слично.
-Три дена не знаеме ништо. Кога излегла од дома била облечена во тренерки во темна боја, не знаеме дали на нозете имала патики или пак влечки. Сите документи и се дома, го оставила и мобилниот телефон. Марија има костенлива долга коса, висока е околу 160 сантиметри, средна градба… Таа е фамилијарна личност, никогаш не би го оставила детето, сите сме вознемирени. Ја замолуваме јавноста, доколку било кој ја забележи, веднаш да не извести или пак да се јави во полиција. Случајот го пријавивме и во полицијата, молиме за помош – вели мајката.
Граѓаните кои имаат информација поврзана со Брзакова да се јават во полиција или пак на телефонскиот број на семејството 070 447 338.
Вики Клинчарова