По четири години од сообраќајката кај Фонтана парк во која животот го загуби 12 годишниот Давид, се уште нема изречена пресуда.
На денешното рочиште беше испитуван еден од вештаците од Техничкиот Факултет во Битола кои го изготвиле супервештачењето. Според вештачењето, управувачот на возилото, обвинетата Маја Лукаревска, возела со прилагодена брзина од 43 километри на час, која е помала од максимално дозволената.
Според вештото лице, примарниот пропуст за несреќата е кај малиот Давид кој според, наодот, при минувањето на коловозот не внимавал дали на него поминуваат автомобили. Вештото лице наведе дека велосипедистот можел со минимално прикочување и насочување на велосипедот кон десно целосно да го избегне контактот со возилото.
Што се однесува до возачот на автомобилот, вештото лице рече дека обвинетата направила секундарен пропуст во тоа што не се посомневала дека може да се појави пешак или велосипедист на улицата.
Полномошникот на мајката на малиот Давид, адвокатот Јанаки Митровски смета дека обврските на возачот биле да внимава и соодветно да реагира согласно правилата во случај кога на семафорот трепкаат жолтите светла.
На следното рочиште кое ќе се одржи на шести мај во судница ќе бидат прикажувани снимки од камерите на системот “Безбедносен град”.